Подготовка на сите ресурси за максимално производство на сопствена енергија, ова е целта на владиниот план вреден 300 милиони евра, кој треба да ги амортизира предизвиците оваа зима..
Ставање на сите расположливи капацитети во функција, набавка на потребните количини на јаглен, мазут, гас и спречување на нов раст на цената на струјата. Ова се главните цели на владиниот план за справување со енергетската криза кој премиерот Ковачевски и владиниот економски тим, го презентираа пред Советот за безбедност. Сите детални пресметки, според најавите, наскоро ќе им бидат презентирани прво на стопанствениците а потоа и на јавноста.
Покрај зголемувањето на домашното производство за најмалку 25%, по рекордно најниското ниво лани, се преговара во функција да се стави и приватната ТЕ-ТО. Овој план, рече Ковачевски, е да се спречат какви било рестрикции. За негово спроведување во следните два квартали ќе се одвојат 300 милиони евра.
Домашното производство на ЕСМ, според планот, ќе биде доволно за потребите на домаќинствата и малите фирми но главен проблем остануваат околу 1350 индустриски капацитети и околу 400 поголеми институции кои електричната енергија ја купуваат на слободниот пазар. Надежта е дека за нив ќе се обезбеди сигурна енергија и тоа по поефтини цени од берзанските со договорот на кој од утре ќе работат експерти по енергетика на Македонија и Бугарија.
Лани на големите потрошувачи, според последниот извештај на Регулаторна, им биле потребни околу 3.200 гигавати на час струја. Тоа се околу 270 гигавати месечно или во просек 9 гигавати дневно. Според денешните цени на референтната унгарска берза на која 1 мегават час се продаваше по 530 евра, компаниите само за струја дневно треба да платат над 4,7 милиони евра.