Владата на последната седница донесе одлука за ново надворешно задолжување од 250 милиони евра, кое ќе се реализира преку издавање на хартии од вредност, соопшти партијата Левица.
Во продолжение целото соопштение од оваа опозициска партија:
Средствата се обезбедени преку обврзницата НСВ која ја издава Дојче банк и уште три големи финансиски институции, а ќе се искористат за отплата на стари долгови кои доспеваат и за финансирање на буџетските потреби. Од Министерството за финансии дообјаснуваат дека под буџетски потреби се мисли на потребите на Електрани на Македонија, предизвикани од енергетската криза и проблемите со скопската топлификација.
И покрај тоа што од министерството наведуваат дека оваа обврзница е избрана по долго следење на финансиските пазари, 6 месечниот ЕУРИБОР од јуни месец за прв пат по долго време е позитивен и за должниците ова значи зголемување на цената на кредитот. Со ваква намена на новите задолжувањата, отплатата на старите долгови само ќе се трансформираат во нови и многу понеповолни кредити кои ќе треба да ги отплаќаат идните генерации.
Ова огромно задолжување нема да може да ги подмири старите задолжувања. Само отплатата на камати изнесува повеќе од 150 милиони евра, а буџетската дупка според фискалниот бројач во моментов се искачи на 262 милиони евра.
Потребни се и средства за надминување на енергетската криза, која народот ја плаќа и ќе ја отплаќа и кога оваа власт ќе замине засекогаш од политичката сцена. За капитален развој одамна нема средства, иако задолжувањата би биле единствено оправдани за вложување во капитални инвестиции. Владата со својата крајна неспособност само ја продлабочува кризата и нема никакво решение за излез од оваа состојба.
Партија Левица