По истиот принцип како што беше финансиски помогната компанијата БЕГ така да се постапи и кон Топлана Скопје Север. Ова е барањето на директорот на топланата Куштрим Рамадани, на која се приклучени 500 домаќинства кои живеат во Општините Чаир и Бутел. Барање за помош за набавка на природен гас Рамадани вели дека минатата недела испратил до Владата, Министерството за економија и до Министерството за финансии. Но Министерот за економија Крешник Бектеши, за Алсат вели дека Топланата Скопје Север ќе треба да испрати барање за помош од ЕСМ, пренесува Алсат.
„Тоа е компанија која е во процедура на стечај, но ако се упатат со барање до ЕСМ, како што сме ги ставиле во функција и другите топлани сигурно дека ќе биде во функција и Скопје Север“, рече Бектеши.
Според информациите до кои дојде Алсат, Топлана Скопје Север има набавено природен гас за производство на топлинска енергија до крајот на месецов. Рамадани побара за Топланата со која тој раководи да добие државни субвенции и во однос на сметките.
„Имаше одлука на влада на 31.1.2022 година за цена на Регулаторна комисија за енергетика, а Владата направи одлука со која се субвенционираат домаќинствата. Ние фактурираме со старата цена и очекуваме разликата да ја подмири Владата“, вели Рамадани.
Топланата Скопје Север прва започна со затоплување на домовите на своите корисници, пред да стартува грејната сезона поради температури кои се спуштија и под 12 степени. Инаку, високата цена на природниот гас беше главната причина по која приватната компанија Балкан Енерџи груп се откажа од бизнисот со парно греење во Скопје. На оваа мрежа се приклучени околу 60 илјади домаќинства. Надлежните уверуваат дека парно во Скопје ќе имаат сите на 15ти месецов кога практично почнува грејната сезона. Според Законот за енергетика радијаторите требаше веќе да бидат топли бидејќи тоа го дозволуваат пониските температури.