Сметам дека треба да имаме еден општ колективен договор, кој ќе биде пропратен со Закон за плати во државата. Ние немаме закон кој ги унифицира платите. Ако ги погледнете и менаџерските договори на директори на јавни претпријатија кои прават загуби со години и на членови на управни одбори ќе видите поголеми плати од двајца министри заедно, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

Тој, во гостувањето во „360 степени“ на Алсат М, посочи дека е потребно да се ревидираат ваквите менаџерски договори бидејќи, како што рече, тие менаџери не прават ништо за намалување на загубите, не ги намалуваат трошоците, не ги зголемуваат приходите.

– Јас се залагам за конзистентност на платите, тоа го зборуваат и граѓаните и вработените во јавната администрација. И во Извештајот на ЕУ се зборува дека државата има мали капацитети во однос на искористување на европските фондови. Тоа е заради тоа што има луѓе кои се високо квалификувани, кои мора да знаат повеќе странски јазици, а имаат пониски плати од вработени во одредени институции кои не знаат што им се дневните обврски. И затоа си одат, рече Ковачевски.

Премиерот, исто така, рече дека има македонски државјани кои работат во Црна Гора, Хрватска или Босна и Херцеговина за приватни консултантски куќи на европските фондови, а ние не може да ги искористиме.

– Затоа мора да ставиме ред, да се знае кој за што и колку заработува, заклучи Ковачевски.