Преговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барние изјави дека договорот за излегување на Велика Британија од Унијата е речиси готов, но постои можност да не биде склучен поради несогласувањата околу границата меѓу Ирска и Северна Ирска.

– За 90 отсто од предложениот договор постигнавме согласност со Велика Британија, изјави Барние.

Британската премиерка Тереза Меј и другите европски лидери вчера повторно изразија уверување дека можат да постигнат договор за Брегзит, но двете страни не постигнаа договор за тоа како да се реши единствената копнена граница меѓу себе – помеѓу Ирска и британската Северна Ирска.

Покрај тоа, Меј јасно стави до знаење дека е подготвена да размисли за продолжување на преодниот период за неколку месеци откако во март ќе ја напушти ЕУ.