Нема да има зголемување на даночните стапки и нови даноци, туку реформата на даночната политика ќе се базира на проширување на даночна база и во однос на ДДВ ќе се променува преференцијалната стапка согласно практиките во регионот, изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во одговор на новинарско прашање на прес-конференција на која го презентираше Предлог-буџетот за 2023 година, Бесими потенцира дека засега не би сакал да изнесува детали за даночните реформи, бидејќи Владата треба уште еднаш да одржи состаноци со претставниците на стопанството со цел да се разгледаат нивните забелешки.

Во однос на тоа дали ќе се воведе прогресивен данок од следната година, министерот Бесими истакна дека засега и тој го нема одговорот на ова прашање, бидејќи се уште се водат разговори околу тој предлог и кога ќе бидат усогласени сите детали од страна на Владата, во текот на овој месец ќе биде објавен планот околу предвидениот концепт на даночни реформи.

Според него, очекувањата за зголемување на приходите од даноци главно се сведува на проекциите за раст на економијата и цените, како и подобрена и зголемена ефикасност во наплата на даноци и намалување на сивата економија.

Во делот на плати во Предлог-буџетот, како што нагласи Бесими, уште на почетокот на годината и покрај кризата, Владата потврди дека останува на определбата за зголемување на платите во јавната администрација и нивно усогласување со минималната плата и пензиите.

– Покрај тоа што со Законот за државна администрација е утврдена методологија за пресметување на платата во државната администрација, сега насоките се да се направи еден општ колективни договор за јавната администрација, со што оваа методологија ќе се рефлектира и во останатите институции, изјави Бесими.

Тој како пример посочи дека ако инфлацијата биде 10 отсто, а минималната плата е утврдена на 18.000 денари, тогаш тоа ќе значи нејзино линеарно зголемување за 1.800 денари, што би повлекло и раст на платите на административците, за што се предвидени средства во Буџетот.

Бесими потенцира дека не се предвидува зголемување на бројот на вработени во јавната администрација, туку преку моделот на мобилност би се вршело прераспределување на вработените на дефицитарни позиции во некои институции, како што се на пример инспекциските служби.

Во делот на фискалната консолидација, Бесими најави дека како една од мерките се предвидува и да не се исплатува надомест за службени патување во земјата.

– Имајќи го предвид сите овие аспекти и инфлацијата и растот на платите, се предвидува раст на делот за плати во Буџетот во однос на ребалансот за 5 отсто, додаде Бесими.