Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај го напушти состанокот што премиерот Албин Курти го свика со опозициските лидери по повод случувањата на северот од земјата, недолго по неговото започнување, јави дописникот на МИА од Приштина.
По заминувањето од зградата на Владата, каде што продолжува состанокот на Курти со лидерите на другите две опозициски партии – Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи и Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику, Харадинај објави дека бил принуден да напушти затоа што премиерот држел “предавања“ и не објаснил „зошто ги расипа односите со Америка“.
– Иако бев дел од средбата со премиерот Курти, бев принуден истата да ја напуштам, затоа што Курти држеше предавања и не даде објаснување зошто ги расипа односите со Америка и зошто одбива да ги исполни нивните барања. За мене е неприфатливо во вака чувствителни случаи да ги расипуваме односите со нашиот главен безбедносен сојузник, напиша Харадинај на својата страница на Фејсбук.
Курти ги повика лидерите на најголемите опозициски партии на косовските Албанци на средба по повод најновата ситуација предизвикана од повлекувањето на Србите од државните институции.
Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) минатата сабота, на 5 ноември, одлучи да ги повлече своите членови од институциите на Косово, поради, како што објавија, најавите од владата на Курти дека ќе ги казнува лицата кои нема да ги сменат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.