Албанската влада не ја прифати одлуката на Регулаторниот завод за енергетика, ЕРЕ, од ноември  домаќинствата што трошат повеќе од 800 киловатчасови електрична енергија да плаќаат поскапа струја.
Тоа како што образложи Белинда Балуку, вицепремиер и министерка за инфраструктура и енергетика, поради намалената потрошувачка за 7 отсто на потрошувачката, споредено со октомври минатата година и очекуваните дождови во периодот кој следува.
– Албанската влада ги штити домаќинствата  и малите бизниси од влијанието на стратосферските цени на енергијата. Бројките за заштеда на енергија за месец октомври се значајни и ни даваат можност да не го примениме опсегот од 800 киловати дури и за месец ноември, имајќи ја предвид и претстојната врнежлива временска прогноза,  одреден пад на цената на меѓународната пазар на енергија, како и намалената потрошувачка, рече Балуку.
Соопштувајќи ја одлуката таа додаде дека само со “обединување со вистините на оваа ситуација можеме и ќе се соочиме и со овој предизвик, каде што штедењето останува основно“.
-Време е за солидарност. Во случај сите заедно да одлучиме да штедиме, албанската влада е решена да не изложува ниту еден претплатник на поскапа струја, рече таа.
Ова е второ одложување на примената на одлука за поскапа струја за оние што трошат повеќе.
Според првата одлука на ЕРЕ а ја потврди и владата оваа тарифа  требаше да се аплицира во последните три месеци од годинава, но владата ја повлече истата за октомври, со можност таа да почне да се аплицира од ноември.
Домаќинствата кои месечно трошат повеќе од 800 киловатчасови електрична енергија, требаше да плаќаат 4,4 пати поскапа струја,  односно наместо 9,5 лека(0,07 евра), цената требаше да биде 42 лека за киловатчас.
Како што деновиве изјави  премиер Еди Рама во сметката за потрошена енергија домаќинствата  плаќаат 20 отсто од реалната цена, а 80 отсто се плаќаат од државниот буџет, што е „потврда за грижата на владата за своите граѓани”.