Пратеникот и претседател на „Левица“ Димитар Апасиев поднесе корегирано предлог референдумско прашање до претседателот на парламентот Талат Џафери за деловничко усогласување на првично поднесената иницијатива за распишување референдум за францускиот предлог.

Инсистирам на првично поднесеното референдумско прашање, но доколку и понатаму сакате да ги пречекорите ингеренциите, нудам и алтернативна верзија- “Дали сте за преговори со ЕУ со прифаќање на собраниските ставови содржани во Заклучоците од 16 јули 2022”- ова е одговорот на Апасиев до спикерот Џафери кој од него побара корекција на првичната инцијатива за референдум. Лидерот на Левица во пет страници му посочил на собранискиот спикер дека има низа пропусти, нелогични толкувања и неточни констатации на првата верзија, бара итно новиот предлог да биде проследен на матичните комисии, а во спротивно се закани со кривична пријава, судски спор, како и целосна блокада на Собранието.

-Во известувањето (од Џафери) од правен аспект има неколку бисери. Првата смешка на која спикерот се повикува е тоа што цитира сосема погрешни членови од Деловникот, ме третира како пратеник што во случајов не е така, јас сум во својство на физичко лице. Следната смешка на која искрено “се цепев” од смеење е тоа што заборавил во темплејтот во кој го враќал известувањето, ако се сеќавате за Христијан Мицкоски во својство на овластен предлагач поради тоа што не можело да се оспоруваат меѓународни договори, во случајов заборавил да го тргне Џафери, иако јас не се повикувам на таков закон за ратификација, вели Апасиев.

Освен францускиот предлог, за Апасиев се спорни и уставните измени за кои власта бара широк консензус во Собранието. Вели дека Левица ќе се согласи тогаш кога ќе има реципроцитет за Македонците во Бугарија, еден од условите кој претходно го испорача и најголемата опозициска партија.

Доколку Џафери ја отфрли иницијативата, лидерот на Левица вели дека има на располагање правни и политички механизми.