Неофицијално, во наредните денови Димитар Ковачевски и Арбен Таравари ќе имаат уште една средба, објавува Телма. Тогаш веројатно ќе се отвори темата за проширување на Владата, што, и покрај бројните шпекулации, не била разговарана вчера, како што тврдат обајцата. И денеска, премиерот објаснува дека се разговарало за европската иднина на земјата и 130-те блокирани закони во Собранието.
И покрај говоркањата дека „огнената група“ во ДУИ е против влегувањето на Алијанса во Владата, првите луѓе на партијата сметаат дека сите проевропски сили се добредојдени.
Алијанса `се уште чека на официјална понуда од Владата. Ги нарекува шпекулации информациите дека тројцата главни коалициски партнери: СДСМ, ДУИ и Алтернатива ќе `и отстапат по едно министерско место и дека „во игра“ се ресорите здравство, правда, образование, земјоделство и животна средина. Алијанса веќе го подготвува својот список на услови, меѓу кои – да нема парламентарни избори пред 2024-та а да има автономија во одлучувањето.
Според Телма, од понеделник, Ковачевски ќе има разговори и со други партии, што ги нарекува „продолжение на лидерската средба“. Негов нареден соговорник е Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, а темата е иста и поврзана со европската агенда.