Иако Македонија е помалку изложена на директни економски ризици од војната во Украина, индиректната поврзаност преку намалената побарувачка од главните трговски партнери силно ќе влијае врз економијата и очекуваме да има неколку квартали на техничка рецесија, вели за МИА новата регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан, Ксијаокинг Ју.

Во интервјуто што МИА го направи непосредно пред нејзиното доаѓање во Скопје, Ксијаокинг Ју вели дека прогнозите за рецесија на големите економии во ЕУ, меѓу кои и главниот трговски партнер на земјата, Германија, се очекува силно да влијаат и на економијата на Македонија.

– Според последните есенски прогнози, Европската комисија очекува пад на германската економија за 0,6 отсто во 2023 година, како резултат на зголемените цени на енергенсите во услови на ограничувања во снабдувањето, повисоки трошоци за задолжување, загуби на куповната моќ на потрошувачите и севкупно влошување на расположението на пазарот. Иако, С. Македонија е помалку изложена на директни економски ризици од војната во Украина, индиректна поврзаност преку намалената побарувачка од главните трговски партнери силно ќе влијае на економијата и очекуваме да има неколку квартали на техничка рецеција. Но, сепак предвидуваме позитивен раст во 2023 во целина, вели Ксијаокинг Ју.

За да се справи со кризите, фокусот на Владата на краток рок, според директорката на Светска банка, треба да биде на давање приоритет на политиката за поддршка на ранливите категории и сигурност дека мерките се таргетирани и временски ограничени за да се намалат фискалните ризици за време на наглото зголемување на трошокот на капиталот.

Во интервјуто, директорката на Светска банка говори и за тоа како да се намали инфлацијата во земјава и кон што треба да се насочат политиките за да ја намалиме големата зависност од увоз на храна и енергенси.

– С. Македонија е нето увозник на храна и енергија, а половина од потрошувачката кошничка на просечно домаќинство се троши на храна и енергија. Групите со помала заработувачка трошат и повеќе. Ниската додадена вредност на земјоделството поради малите земјишни поседи, падот на работната сила и продуктивноста на земјиштето, ограничената инфраструктура за наводнување и распределбата на земјоделското земјиште на култури со ниска вредност и одгледувањето тутун придонесоа за повисоки трговски дефицит со храна и покрај значителната земјоделска поддршка од 1,3 отсто од БДП кој беше над регионалниот и просекот на ЕУ. Подобрување на ефикасноста на фармите и реструктурирање на земјоделските субвенции не кон одгледување тутун, туку кон поддршка за модернизација на фармите за храна може да доведе до намалување на интензитенот на увоз на храна, нагласува Ксијаокинг Ју.

Порачува дека треба да се зголемат и инвестициите во енергетска ефикасност и обновлива енергија, да се диверзифицира доставувањето на природен гас и да се преземат мерки за праведна транзиција без фосилни горива.

Од неодамна сте назначени за нова директорка на Светска банка за Западен Балкан. Кои се вашите приоритети за регионот?

– Ви благодарам многу за можноста за ова интервју. Стапив на оваа функција во јули 2022 година откако регионот на Западен Балкан по справувањето со последиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19 се соочи со појавата на нов сет сериозни предизвици, но кои овој пат се предизвикани од инвазијата на Русија на Украина. Тоа, заедно со наглото зголемување на цените на суровините и забавувањето на глобалниот раст, влијае на економските перспективи за регионот и покрај одличниот почеток во првата половина на 2022 година. Владите во земјите од Западен Балкан ги фокусираат своите политики на навремена, но временски ограничена поддршка за најранливите, но ние сметаме дека по повеќе од две години во кои имаше одложувања, фокусот исто така треба да биде ставен на структурни реформи коишто ќе ја зајакнат продуктивноста, ќе го зацврстат човечкиот капитал и ќе ја забрзаат зелената транзиција. Мојот главен приоритет како нова директорка за Западен Балкан е да се обезбеди поддршка за таквите реформски приоритети кои ќе го поплочат патот за одржлив, инклузивен и отпорен раст во регионот.

Најновите прогнози на Светска банка за македонската економија не се најоптимистички. Се предвидува бавно закрепнување од кризата, раст на цените и намалување на инвестициите. На што треба да се фокусираме за полесно да ја пребродиме кризата со оглед на тоа дека сме мала економија зависна од увоз?

– Во најновото есенско издание на Економскиот извештај за Западен Балкан, според предвидувањата за раст во С. Македонија ќе има намалување од 2,1 отсто во 2022 година како и под потенцијалниот раст во 2023-2024 година бидејќи руската инвазија на Украина доведе до уште еден шок за европските економии, кои се најголемите партнери за трговија на С. Македонија. Неодамнешните високофреквентни показатели укажуваат на дополнително влошување на економските изгледи за земјата. Слабите индустриски перформанси, намалената трговија и намалената доверба на инвеститорите ги интензивираа спротивставените ветрови за раст и техничка рецесија веројатно ќе биде регистрирана во следните квартали. Исто така, С. Македонија е нето увозник, што во атмосфера на зголемување на цените придонесува кон инфлација невидена во последите две декади, ја намалува куповна моќ и корпоративните биланси, а исто така дополнително го намалува перспективите за раст на земјата. Една по друга криза ја влоши фискалната одржливост и го намали фискалниот простор за поддршка на веќе кревкото економско заздравување. За да се справи со кризите, фокусот на краток рок на Владата треба да биде на давање приоритет на политиката за поддршка на ранливите и да се осигура дека мерките се таргетирани и временски ограничени за да се намалат фискалните ризици за време на наглото зголемување на трошокот на капиталот.

Инфлацијата во земјава е повисока во споредба со некои европски земји како резултат на неколку фактори, меѓу кои големата зависност од увоз. Дали има начин таа да се намали?

– С. Македонија е нето увозник на храна и енергија, а половина од потрошувачката кошничка на просечно домаќинство се троши на храна и енергија. Групите со помала заработувачка трошат и повеќе. Ниската додадена вредност на земјоделството поради малите земјишни поседи, падот на работната сила и продуктивноста на земјиштето, ограничената инфраструктура за наводнување и распределбата на земјоделското земјиште на култури со ниска вредност и одгледувањето тутун придонесоа за повисоки трговски дефицит со храна и покрај значителната земјоделска поддршка од 1,3 отсто од БДП кој беше над регионалниот и просекот на ЕУ. Подобрување на ефикасноста на фармите и реструктурирање на земјоделските субвенции не кон одгледување тутун туку кон поддршка за модернизација на фармите за храна може да доведе до намалување на интензитенот на увоз на храна.

Големата зависност од увоз на нафта, енергија и гас (од еден извор) заедно со повисокиот енергетски интензитет во споредба со ЕУ доведе до проширување на енергетскиот трговски дефицит. За да ја намали ранливоста и повторно да стане отпорна, земјата треба да ги зголеми инвестициите во енергетска ефикасност и обновлива енергија, да ги прошири инвестициите во повеќе капацитети за складирање на електрична енергија со цел да се зголеми генерацијата на евтина обновлива енергија, да се диверзифицира доставувањето на природен гас од дополнителни извори, да се поддржи создавањето на регионални енергетски пазари и да се преземат мерки за праведна транзиција без фосилни горива.

Се предвидува дека некои европски економии ќе паднат во рецесија. Дали и македонската економија е во таква опасност?

– Перспективите за рецесија на големите економии во ЕУ, меѓу кои и главниот трговски партнер на земјата, Германија, се очекува силно да влијаат и на економијата на С. Македонија. Според последните есенски прогнози, Европската комисија очекува пад на германската економија за 0,6 отсто во 2023 година, како резултат на зголемените цени на енергенсите во услови на ограничувања во снабдувањето, повисоки трошоци за задолжување, загуби на куповната моќ на потрошувачите и севкупно влошување на расположението на пазарот. Иако С. Македонија е помалку изложена на директни економски ризици од војната во Украина, индиректната поврзаност преку намалената побарувачка од главните трговски партнери силно ќе влијае на економијата и очекуваме да има неколку квартали на техничка рецесија. Но, сепак предвидуваме позитивен раст во 2023 во целина.

Властите во земјава се обидоа да го намалат последиците првично од Ковид-пандемијата, а потоа и од војната во Украина со антикризни мерки. Што треба да се направи за да им се помогне на оние на кои им е најпотребно?

– Како што сега стојат работите, со значително ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци за финансирање, земјата треба внимателно да ги одмери трошоците и придобивките од новите обврски за трошење како одговор на повеќекратните кризи и да им даде приоритет на најранливите. Подобрување на даночната усогласеност и проширување на даночната база треба да биде приоритет исто колку таргетирање на социјалната помош и градење на енергетска отпорност. За поддршка на ранливите домаќинства, владата може да размисли за проширување на опфатот на енергетски ранливи и програми за тестирање средства насочени кон сиромаштија, дополнително консолидирање на програмите за социјална помош на страна од категорични бенефиции (како родителски додаток) и зајакнување на напорите за активирање на работоспособни корисници. За поддршка на ранливите фирми, Владата може да размисли за подобрување на ликвидноста на фирмите преку проширување на пристапот до кредитни линии за обртни средства и забрзување на плаќањето на заостанатите обврски на државата и намалување на зависноста од цврста енергија преку зголемување на инвестициите во обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност. Одговорот за справување со кризата исто така треба да содржи структурални мерки за да се зајакне потенцијалниот раст, како намалување на регулаторните трошоци на бизнисите, да се продлабочат трговските договори, да се зголеми пазарната конкурентност, да се поддржи учеството во пазарот на труд, зелената транзиција и зајакнување на независноста на јавните институции.

Каква помош може да очекуваме од Светската Банка за да се справиме со последиците од кризата со оглед на тоа дека тешко е да се дојде до финансии во сегашната состојба и кој ќе биде приоритетот на вашите тимови во периодот што следи?

– Светска банка е подготвена да и помогне на земјата да го намали влијанието на тековните кризи и да го зголеми фокусот на среднорочните политики за поддршка на растот. Активното портфолио на Светска банка во С. Македонија содржи девет проекти и една регионална операција со фокус на земјоделството, социјалните услуги, образованието, енергетската ефикасност, финансирањето на општините, инфраструктурата, трговијата и поврзаноста во вредност од 511 милион долари. Исто така, новиот проект за интегриран систем за финансиски менаџмент (IFMIS), кој има за цел да го подобри фунционирањето на Министерството за финансии и модернизацијата на Управата за јавни приходи наскоро треба да биде дискутиран од Одборот. Како се наближува крајот на сегашната стратегија за партнерство, ја надградуваме Системската дијагностика за земјата, а наскоро ќе почнеме да ја подготвуваме новата Рамка за партнерство со земјата, која ќе биде водилка за поддршката на Светска банка за периодот 2024-2028.

Билјана Анастасова-Костиќ