По многуте реакции во јавноста за повеќе катастрофални грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение, авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска денеска преку социјалните мрежи објаснуваат дека грешките биле технички, а тие не можеле да го прегледаат учебникот пред печатењето.
Навистина ни е жал што во нашите напори да не испуштиме нешто суштинско, ние всушност сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Учебникот, кој е тема на дискусија, е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба уште во мај годинава. Сите сугестии што беа од техничка природа се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија. Ниту ние авторите ниту рецензентите немаа можност да го прегледаат учебникот пред печатењето. Можеби ќе забележевме дека наместо V век, пишува V век пр. н.е.; дека при обработка и средување на текстот останала грешката за местоположбата на нашите соседи од исток и од запад или за мерните единици. И покрај тоа што е очигледно дека станува збор за технички грешки, затоа што, ако се прочита учебникот во целост и се анализира, педагошки, методолошки… ќе се забележи дека тој во целост ги следи наставната програма, методологијата за изработка на учебник и националните стандарди, велат Ангеловска и Илиоска.
Тие велат дека побарале од надлежните во Министерството за образование и наука да ги коригираат грешките барем во електронските верзии, а ги замолуваат наставниците да им објаснат на учениците дека во тие делови од учебникот има технички пропусти.
Во книгата, која била одобрена на 3 ноември од Националната комисија за учебници, се испечатени серија небулози и неточни информации: дека Албанија е источен сосед на Македонија, а Бугарија западен, како и дека највисокиот врв во светот, Монт Еверест, е висок 29.305 метри.
Авторки на учебникот се Ангеловска и Илиоска, а тој има тројца рецензенти: Беса Хавзиу–Исмаили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска. Како стручен редактор и уредник е потпишана Орданка Мицкова. Издавач на учебникот полн со грешки е Министерството за образование и наука.
Ангеловска и Илиоска апелираат до МВР да ги заштити од нападите на социјалните мрежи и заканувачките пораки:
Печатните и ненамерно направените грешки се исправаат. Ама насилството што се промовира на социјалните мрежи остава длабоки траги врз луѓето и нивните семејства, велат тие.