Значителното намалувањето на буџетот на Медиумската информативна агенција (МИА), како и укинувањето на нејзините дописништвата од Вашингтон, Брисел и Атина, ја загрозуваат основната функција на оваа медиумска куќа – реагираа денеска Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) на заедничка прес-конференција.

Потребно е Владата да даде итна поддршка во напорите да се изнајде решение за непречено функционирање на странските дописништва на МИА и наместо затворање на постоечките дописништва потребно е уште посилна мрежа на дописници кои ќе работат во интерес на јавноста и во придонес на медиумскиот плурализам за прашања од јавен интерес за граѓаните, посочија претставници на новинарсите здруженија.

Истовремено, беше истакнато дека МИА треба да биде изземена од мерките за штедење, односно да се изнајде начин да не дојде до намалување на буџетот за следната година бидејќи тоа ќе предизвика негитвни последици како за вработените новинари и медиумски работници, така и за квалитетот на содржините и информациите кои произлегуваат од овој медиум.

Со намалување дописничката мрежа директно се влијае и на нарушување на професионалните стандарди на новинарите, со што се губи објективноста при информирањето, се појавува ризик од непроверени, а со тоа и неточни информации. На крајот, жртви ќе бидат граѓаните и јавниот интерес, зошто единствен канал за информирање од овие земји ќе бидат странските канали. Затоа е нужно владата да има разбирање за овој проблем и итно да реагира со цел да се превенира штета, затоа бараме веднаш враќање на парите потребни за нормално функционирање на МИА – изјави претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

МИА како генератор на вести и информативен сервис на граѓаните, треба да биде првиот филтер на информации за широката јавност и клучна алатка за борба против дезинформациите кои претставуваат се поголем проблем посебно во ерата на дигиталните медиуми.

За жал и оваа година, пред Нова година наместо да зборуваме за повисоки плати, нови перспективи за медиумските работници, како синдикат и медиумски партнерски здруженија ви се обраќаме јавно со реакција за прекин на работни договори и губење на егзистенцијата. Денес проблемите се во МИА, кои се предизвикани од наметнатите мерки за штедење на владата. Владата наместо да остави позитивен пример во време на криза и да ја зачува егзистенцијата и сигурноста на работните места, токму спротивно, удри врз единствениот медиум за кој е одговорна и го намали буџетот со кој се нарушува тековното работење. Со овој негативен пример владата прикажа негативна пракса која сега непречено може да се применува во приватниот сектор, токму онаму каде што медиумските работници се најранливи – рече претседателот на ССНМ Павле Беловски.

На прес-конференцијата присуствуваше и Драган Антоновски, актуелниот директор на МИА.

Ние го анализиравме овој процес веќе подолго време. Цела година предупредуваме дека тие буџети кои нам ни се одредуваат се апсолутно несоодветни. Ние зборуваме за одржливост, наместо за инвестирање и развој. Владата постојано ни вели дека ќе го има тоа предвид, закажани се и средби за разговор. Нас ни е јасна поентата на тоа што и претседателот на ЗНМ го истакна, ние покренавме иницијатива, разговаравме со ОБСЕ, да се отвори дебата за измена на закон за медиуми, бидејќи досегашниот концепт за финансирање не е добар. Според нашите анализи, единствено можно решение за финансиска одржливост е закон за МИА, каде што меѓународните организации се понудија да помогнат во тој контекст, ставено е во програмата на ОБСЕ и ЗНМ. Тоа за нас значи некаква стабилност која ќе придонесе на континуитет, наместо да се случи на половина година измена односно повлекување на парите – рече Антоновски.

На прес-конференција беше истакнато и дека согласно со правните анализи кои ги има објавено ЗНМ пред речиси две години најсоодветен начин на организација на МИА е по примерот на МРТВ, чиј основач и надлежна институција пред која полага одговорност, е Собранието. Во таа насока, потребни се законски измени со кои ќе се гарантира дека Владата нема да има влијание во изборот на менаџментот во МИА, а истовремено ќе се обезбеди модел со кој ќе се гарантира финансиската независност во работата на оваа агенција, која според актуевлниот закон е владина, а треба да биде државна агенција.