Продолжуваат песимистичките прогнози на меѓународните финансиски институции. Од стартот на војната во Украина Светска банка веќе трет пат ја намалува проекцијата за економски раст на земјава во 2023 година. Од 3,1% во јуни лани ја намали на 2,7 во октомври, а сега и на 2,4%. Во најновиот извештај за глобалните перспективи, се проценува дека економијата на Македонија пораснала за 2,1 отсто во 2022 година и дека ќе забрза до 2,7% во 2024-та. Намалени се проекциите и за цел регион на Западен Балкан.
„Во Западен Балкан се предвидува растот да забави до скромни 2,5% во 2023 година, иако пристапните реформи за влез во ЕУ и инвестициите ги ублажуваат негативните ефекти од високите цени на енергијата и храната, нарушувањата на трговските и инвестициските текови и прелевањата од забавувањето во еврозоната. Постои значителна политичка неизвесност, со ризик парламентарните ќорсокаци да предизвикаат доцнење во спроведувањето на реформите и на тој начин да се спречи ефикасна апсорпција на поврзаните средства во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија“ – пишува Светска банка.
Отприлика на иста линија со Светска Банка е и Народната банка која во ноември излезе со две сценарија за раст годинава од 2,6%, односно 1,8% зависно од тоа како ќе закрепнува економијата. Владата пак, го креираше буџетот за годинава врз основа на прогнози за економски раст од 2,9%.
Инаку Светска Банка ги ревидираше надолу проекциите за перформансите на економијата не само за Македонија, туку и за сите држави во регионот. Притоа најлошо од првичните очекувања ќе поминат Хрватска која ќе има најнизок раст од само 0,8% и Бугарија со раст од 1,7%. Економијата на Албанија треба да порасне за 2,2%, Србија за 2,3%, Босна и Херцеговина за 2,5%, Црна Гора за 3,4%. Најголем раст во регионот се очекува за Косово од 3,7%.
Светска банка во последниот извештај нотира дека на развиените економии им се заканува рецесија. Банката ги намали проекциите за раст на глобалната економија од 3 на 1,7%. Притоа долгорочното забавување на стопанствата остро ќе удри врз државите во развој. Главните ризици се поврзани со продолжување на војната во Украина, огромната инфлација, високите каматни стапки и намалените инвестиции.