Вера Иванова е прогласена за виновна за случајот „Дијамед“ поврзан со центрите за дијализа. Судијата Илија Трпков смета дека обвинетата Иванова учествувала на повикот за добивање на лиценца за дијализа и ја добила, но не за вршење на дејност туку за да ја зголеми вредноста на нејзината фирма. Иванова доби условна казна, а судот бара и конфискација на износ во вредност од 3.275.000 евра.

Обвинетата сторила кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување и кривично дело перење пари. Судот за одделните кривични дела утврди казна, и тоа за делото злоупотреба на службена положба и овластување – казна затвор од 1 година и 3 месеци. За кривичното дело перење пари и утврдува казна затвор од 1 година и 3 месеци. За двете кривични дела, се утврдува единствена казна затвор од две години која нема да се изврши ако обвинетата во рок од пет години сметано од денот на правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело – кажа судијата Трпков.

Според Трпков, судот ги имал во предвид сите околности за случајот кога ја изрекувал казната. Трпков смета дека обвинетата била коректна на судењето, како и отежителните околности и наброја дел од нив: „степенот на кривична одговорност, зачестеноста на овој вид кривични дела, околностите под кои е сторено“.

Судот во името на граѓаните на Република Македонија ја донесе пресудата. Обвинетата Вера Иванова е виновна бидејќи како одговорно лице, искористувајќи ги службените овластувања, и покрај тоа што немала намера да врши дејност дијализа, туку да ја зголеми цената на правното лице и да го продаде, а свесно за себе да прибави имотна корист, ја искористила состојбата што Министерството за здравство, дозволило во отворен повик за договор за лиценца да учествува не само здравствени установи и работници туку и трговски друштва – образложи Трпков.

Кривичниот суд тврди дека се ценети сите докази, како на Обвинителството така и тие кои се приложени од обвинетата.

Судот ги ценеше сите докази. За јавното обвинителство и одбраната беше неспорно дека Вера Иванова ја основала ПЗУ ‘Дијамед Македонија’ врз основа на отворен повик од Министерството за здравство. Неспорно е дека е склучен договор за лиценца за дијализа. Исто така од доказите произлезе дека во текот на 2015 година започнале преговори за продажба на уделот на ‘Метрополитен’ на шведската фирма. Обвинетата имаше обид да претстави дека нејзините намери биле да профункционира системот на дијализа. Но за судот останаа нејасни мотивите за веднаш да го продаде правниот субјект. Обвинетата сакаше да претстави пред судот обвинетата не прекршила никаква одредба, а трансакцијата дека е нормална – кажа судијата Илија Трпков.

Обвинителниот акт против Вера Иванова беше поднесен пред две години. Во обвинението стоеше дека цел на Иванова било да добие монопол на пазарот со 20-годишна лиценца и повеќекратно зголемување на вредноста на нејзиниот удел наместо вршењето дијализа.

Ивановска, како управителка на „Метрополитен“ искористувајќи ги овластувањата, во 2013 година искористила прилика, како трговско друштво, да учествува во постапка за добивање 20-годишна лиценца за дијализа, а сто тоа да обезбеди и монопол на пазарот за оваа дејност со што повеќекратно го зголемила уделот.

Потоа ја основала здравствената установа „Дијамед“ каде основач е трговското друштво „Метрополитен“ и во 2014 склучила договор со Министерството за здравство за вршење дијализа. Во 2015 година Ивановска, со цел да го продаде монополот, почнала преговори со шведската компанија „Дијаверум“. За да ја избегне обврската за согласност од Министерството за здравство за пренос на уделот, Ивановска уделот го пренела од „Дијамед“ на „Метрополитен“ и во 2018 година склучила договор со шведски „Дијаверум“ за продажба. Со тоа уделот на „Метрополитан“ од 3.750 евра го зголемила на 11.560.000 евра, за колку што го продала на „Дијаверум“.

Обвинителството, при поднесување на обвинението, извести дека утврдило дека Иванова, како управител и сопственик, парите до кои дошла со злоупотреба на службена должност ги пуштила во оптек. 3.275.000 евра завршиле на сметка отворена на нејзино име во банка во Македонија и износ од 8.281.000 евра, на сметка што гласи на правното лице чиј краен сопственик е таа, во банка во Монако. За овие средства Обвинителството побара замрзнување на крајот на 2018 година, кога почна истрагата.