Немаме никаква информација што се случува со базата на податоци на Фондот за здравство, реагираат медицинските лица. Велат дека без проблем се издаваат рецепти и пациентите нема да бидат оставени на цедило, но се плашат дека е можно да се изврши злоупотреба на личните информации за пациентите.
-Во моментов не функционира делот околу боледување, исто така пријави и одјави на нови пациенти, т. е секое бајпасирање сега е на хартија. И она што мене ме загрижува е немањето никаква информација што конкретно се случува. Дали се загрозени податоците на нашите пациенти, како лекар пациентите што во нашата приватна институција се згрижени. Немаме ние проблем со издавање на рецепти, нема никогаш да ги оставиме пациентите на цедило, меѓутоа ние не знаеме дали утре нивни податоци ќе се појават на Дарквеб или некој ќе ги продава. Бидејќи зборуваме за најинтимни, приватни податоци како за здравје и лични податоци – изјави доктор Ненад Лазаров од асоцијацијата на млади лекари и специјализанти.
Во меѓувреме Фондот за здравство ја извести јавноста дека системите во претстојните денови постепено ќе се враќаат во функција, техничките тимови работат во континуитет и експертските тимови утврдиле дека при сајбер нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот.
Правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата издавањето на рецепти од страна на матичните лекари, како и издавањето на лекови на граѓаните се одвива непречено и граѓаните без застој можат да ги користат овие здравствени услуги. Усогласени се и решенија за остварување на правото на ортопедски помагала, велат од Фондот за здравствено осигурување.