Директори вршители на должност и наставници приправници денеска протестираа пред Министерството за образование. Бараат Државниот испитен центар да дозволи термини за полагање на менаџерски испит за лиценца за директори на училишта, студентски домови, граѓански центри. Револтирани се бидејќи година и пол државата ги кочи и не им дозволува да се доусовршуват.

Решавање на проблемот побара и штипскиот градоначалник кој најави дека за ова ќе ги извести сите дипломатски преставништва во државата.

Проблемот не ги засега само директорите, туку и наставниците приправници кои го имат завршено приправничкиот стаж. И тие чекаат за полагање на стручниот испит.

Во државата со овој проблем се соочуваат 111кандидати за директори и над 600 наставници приправници. Минатата недела штипските директори и наставници приправници протестираа на градскиот плоштад.

Реагираше и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов кој на денешната прес-конференција објави дека ќе ги информира амбасадите во земјва, за проблемот кој го прави Државниот испитен центар на 600 наставници-приправници и на 111 вршители на должност на директори на основни и средни училишта во земјава, на кои, како што вели веќе една и пол година им е ускратено правото да полагаат стручни испити.

Забележа дека една и пол година не се дозволува да се полага менаџерски испит за лиценца за директори на училишта, студентски домови, граѓански центри, а како што вели тој ова претставува силување на демократијата, но и ограничување на основните права.

-Јас ќе испратам допис до сите релевантни дипломатски преставништва, за да се запознаат што се случува во оваа држава. Дали вакво нешто има во друга европска држава? Постои ли држава во која е ограничено основното право на секоја индивидуа да се стекне со одредена лиценца, праша Јорданов.

Тој нагласи дека проблемот не ги засега само директорите, туку и наставниците приправници кои го имат завршено приправничкиот стаж. И тие чекаат за полагање на стручниот испит, по што треба да добијат и решение на неопределено работно време.

-Ова е силување на демократијата. Ова е заробување на институциите. Ова го немало и во најцрните денови на комунизмот. Да не се дозволува година и пол никој да полага , ова го прават за да немат конкуренција кадрите на СДСМ, рече Јорданов.