ЈП „Водовод и канализација“ лаже дека не побарало поскапување на цената на водата, вели претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски, откако од јавното претпријатие испратија известување дека лажна вест била информацијата за поскапување на цената на водата во Скопје. Бислимоски вели дека лани на 11 ноември претпријатието доставило барање за утврдување на тарифа за водна услуга потпишано од тогашниот в. д. директор Марјан Митовски.

„Еве ги барањата кои ги доставија до нас за нови тарифи за водоснабдување, собирање и одведување на отпадни води и прочистување на отпадни води. Ние одлуката на подготвителната седница ја донесовме врз база на овие барања. Ако не сакаат да поскапи водата како што велат сега, нека ги повлечат барањата. Ама бидејќи не знаат што сакаат и лажат, ние конечна одлука нема да донесеме“, вели Бислимоски.

Факсимил од барањето за утврдување на тарифа за водна услуга на „Водовод и канализација“ до Регулаторната комисија.

Од „Водовод“ побарале минималното зголемување да биде да биде 2,5 денари по метар кубен, а максималното 5,3 денари. Регулаторната комисија на подготвителната седница одобрила минимално поскапување од 0,76 денари за метар кубен, а максимално од 3,4 денари.

Во просек домаќинставата трошат 10 кубици вода. Тоа значи дека ако се прифати минималната нова цена поскапувањето ќе биде 7 денари, а ако се прифати максималната 34 денари.

Од „Водовод и канализација“  соопштија дека „во согласност со Законот за утврдување цени на водните услуги се доставува известување за зголемените трошоци на претпријатието по основ на електрична енергија и енергенси во форма на барање за утврдување на тарифите за водните услуги, барање кое е доставено во 2022 година“, но дека тие не побарале од Советот на Град Скопје поскапување на водата.