За време на своето обраќање во Бундестагот по повод годишнината од рускиот напад врз Украина, германскиот канцелар Олаф Шолц ја повика Кина да влијае врз Русија за да ја прекине војната.
„Искористете го вашето влијание во Москва за да го забрзате повлекувањето на руските трупи. И не испорачувајте оружје на агресорот Русија“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц во говорот во Бундестагот една година по неговиот историски говор во германскиот парламент, во кој што ја најави голема воена акција по рускиот напад врз Украина и промените во безбедноста и надворешната политика.
Шолц го пофали кинескиот претседател Си Џинпинг за „застанувањето на сите закани со нуклеарно оружје во војната во Украина“, што, според него, доведе до деескалација на конфликтот.
Но, германскиот канцелар во исто време го изрази своето разочарување од фактот што за време на последниот состанок на министрите за финансии на групата Г20, Кина не беше подготвена јасно да ја осуди руската агресија, како што тоа го направи една година претходно на самитот на Г-20 во Бали. .
Во својот говор, Шолц ги отфрли повиците за брзи мировни преговори меѓу Русија и Украина. „Не може да се преговара со пиштол на чело, само со сопствена покорност“, рече Шолц и нагласи дека не смее да има никаков мировен договор што ќе им наштети на Украинците или што ќе биде склучен без одобрение на Киев.
„Создавањето мир значи и одлучно спротивставување на агресорот и неправдата“, рече Шолц, додавајќи дека во моментов нема индикации дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да преговара за праведен мир.
„Наметнатиот мир против волјата на жртвите не е прифатлив, не само од морални причини, туку затоа што мора да ја земеме предвид и благосостојбата на нашата сопствена земја и безбедноста на Европа“, рече Шолц, ветувајќи континуирана поддршка за Украина.
Шолц укажа на стабилното снабдување со гас и покрај прекинот на снабдувањето со руски гас и рече дека мрачните прогнози за присилно исклучување на гасот за индустријата и домаќинствата не се остварија.
„Ништо од тоа не се оствари, го пребродивме зимскиот период и без руски гас“, рече Шолц и додаде дека резервоарите за гас се уште се доволно полни за да се радуваме на следната зима.
Во своето ланско вонредно обраќање во Бундестагот, неколку дена по почетокот на руската агресија врз Украина, Шолц најави пресврт во надворешната и безбедносната политика на Германија и, во врска со тоа, големо зголемување на финансирањето на војската.
Опозицијата во Бундестагот го критикуваше тоа што досега ништо не е одвоено од ветениот фонд за Бундесверот од 100 милијарди евра. „Трошоците за одбрана не само што не се зголемија, туку и се намалија“, изјави во Бундестагот претседателот на опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Фридрих Мерц.
Тој апелираше до германскиот канцелар конечно да го исполни ветувањето и да го зголеми воениот буџет согласно правилата на НАТО.