Оние кои денес, распослани по кафеаните, го прославуваат 8 март како Ден на жената, би било добро да знаат:

Првата меѓународна женска конференција е одржана во Копенхаген во 1910 година во организација на Социјалистичката интернационала.

Празникот 8 март е утврден на предлог на радикалната германска социјалистка Клара Цеткин.

Првиот ден на жената се слави на 28.02.1909 година во САД по повод Декларацијата која ја донела Социјалистичката партија на Америка.

На 8 март 1917 година во Петроград се одржани протести на текстилните работнички, поддржани лично од Ленин, што беше вовед во руската Февруарска револуција и комунистичката Октомвриска револуција, што иако доведе до абдикација на царот Николај, не ги спречи комунистите (по лична наредба на Ленин) да го ликвидираат целото кралско семејство. На најѕверски можен начин се ликвидирани Николај и неговата сопруга, но и нивните 5 малолетни невини дечиња. Во комунистичкиот Советски Сојуз, 8 март почнува да се слави како државен празник.

Токму затоа, западните држави, а посебно САД, престанале да го одбележуваат Денот на жените во 30-тите години од минатиот век поради тоа што (со право) го поврзувале со комунизмот. Ова се случува во исто време кога и Социјалистичката партија на Америка, свесна дека заради своите марксистички идеи не може да успее на изборите, се маскира во новиот костум на “либерализмот“.

Така маскирајќи ги своите марксистички идеи во, за чувствителното американско уво на опасноста од Советскиот комунизам, прифатлива “либерална“ идеологија, американските социјалисти почнуваат да “растат“. Па, во 60-тите години од минатиот век, формирајќи го феминистичкото движење како “либерален“ чекор напред, одново го актуелизираат овој ден. Го актуелизираат како уште еден од начините да ја злоупотребат женската популација за реализација на своите “либерални“ идеи и завладување со светот.

ОД БОРБА ЗА ПРАВА ДО БОРБА ЗА ПОСТОЕЊЕ

За жал, “либералните“ вредности кои се’ пожестоко му се наметнуваат на светот, не само што ги забораваат корените на женската борба за еднаквост и рамноправност, не само што се исмеваат со жената како сопруга, мајка и столб на семејството, туку се обидуваат најпрво да го релативизираат, а потоа и да го избришат постоењето на жената.

Со трансродовата “либерализација“ на сфаќањата, биолошкиот пол повеќе не го определува родот, туку жената и покрај својата биолошка природа може родово да се определи како сака.

Со воспоставување на истополовите бракови жената веќе не е сопруга во семејството, туку станува некаков неопределен партнер, а семејството ја губи својата вековна смисла.

Со скудноумната дефиниција за родител еден и родител два, жената престанува да ја има најблагородната улога-улогата на мајка.

Она што на денешен ден започна како борба за еднаквост и рамноправност, како борба за женски права, денес, предводено од “либералните“ вредности, се претвори во својата спротивност – во борба за згаснување токму на женските права, на правото да се биде ЖЕНА.

Денешните жени, мнозинството од нив кои се’ уште знаат дека се жени, час поскоро треба да го кренат својот глас во барање на своите женски права – правото да си го зачуваат полот и родот, правото да си го зачуваат традиционалното семејство, правото да бидат сопруга во сопственото семејство и, најблагородното право – правото да бидат мајки.

На таквите жени, жени вистински херои – среќен и вековит Денот на жената!!!

Страшо Ангеловски

Претседател на МААК