Житие: Светите маченици и бесребреници Козма и Дамјан
Едни од оние коишто се именуваат со ова име мирно се упокоија на 1 ноември. Другите беа каменувани во Рим на 1 јули, а овие третите беа од Арабија и под денешниот датум за нив станува збор. По занимање беа лекари, но кога ја примија Христовата вера ги исцелуваа болните со името на Исус Христос. Заради ова чудотворно лечење за нив се расчу на сите страни. Злобните незнабожци ги фатија и ги одведоа пред кнезот Лисиј во градот Егас. Бидејќи Светите браќа по никоја цена не сакаа да се одречат од Христа, најпрво ги фрлија во море, а потоа во оган. Но Семоќниот Бог ги спаси и од потоп и од оган. Ангел Господов им се јави спасувајќи ги. Незнабожечкиот кнез му го припишуваше ова на некоја нивна магија. А тие му одговорија: „Никаква магија не знаеме и не користиме, но ја имаме силата Христова којашто не спасува и нас и сите што го повикуваат пресветото име Христово.“
Тогаш ги удираа со камења, но камењата се одбиваа од нив; ги стрелаа со стрели, но и стрелите се одбиваа. Најпосле ги обезглавија со меч. Со нив пострадаа и примија венец на слава Светите Леонтиј, Антим и Евтропиј. Пострадаа во времето на Диоклецијан и Максимијан. Од нивните свети мошти се јавија многубројни чуда, како во времето кога беа живи.
Житие: Преподобниот маченик Андреј
Христијански свештеник роден на Крит. Во времето на гонењето на иконите се покажа како голем поборник на иконопочитувањето. За да го изобличи злочестивиот цар Копроним за неговото иконоборство, Св. Андреј отиде во Цариград. Еден ден царот беше во црквата на Св. маченик Мамант. Андреј влезе во црквата, застана пред царот и јавно пред сите го укори: „Подобро ќе беше цару да си ги гледаш војничките работи и да управуваш со народот одошто да Го гониш Христа и Неговите слуги.“ За ова Св. Андреј беше многу биен и мачен и влечен по улиците. Еден еретик го удри со секира и го уби. Така ја предаде својата света душа на Бога, во 767 година. Неговите мошти се извор на исцеленија за болните.
Житие: Лазар Четиридневниот
Главното празнување му е на 17 март и на Лазарова Сабота во Чесниот Пост. Под денешниот датум се празнува преносот на неговите мошти од островот Кипар во Цариград. Царот Лав Мудриот изгради храм на Св. Лазар во Цариград и неговите мошти ги пренесоа таму во 890 година. Кога после близу илјада години го откопаа Лазаровиот горб во градот Китија на Кипар, најдоа мермерна плоча со натпис: „Лазар Четиридневниот, пријател Христов.“