Никола ГРУЕВСКИ
Мотото на новата економска парадигма во однос на капиталот треба да гласи: “колку ново создаден капитал од остварениот профит странските инвеститори извлекуваат од Македонија, толку треба македонските компании со инвестиции во странство и остварен годишен профит од тие инвестиции, да донесат назад во Македонија во фирмите “мајки”! Подолу ќе објаснам и како може тоа да се случи многу брзо.
Да време е за отворање на ново поглавје и нова парадигма на македонската економија.
Во првата фаза (2007-2017) привлековме многу странски директни инвестиции кои во значајна мера помогнаа да се намали невработеноста. Тоа беше ургентно за земја со безмалку 40% невработеност колку што Македонија имаше во 2005 година, што беше највисока стапка на невработеност во Европа.
Таа активност треба да продолжи со она темпо и динамика како што беше до 2016/17 година. Во последните 6 години има голем застој во тој дел. Тоа мора да се врати, бидејќи сеуште има уште многу невработени што овозможува платите да се ниски, а и понатаму имаме потреба од увоз на технологии, знаење, понапреден менаџмент и се друго што со себе носат големите глобални гиганти.
Во прва фаза, првата цел треба да е преку профитот на најдобрите македонски фирми во странство, не преку извозот, туку преку профитот од нивни инвестиции во странство, да се врати износот на капитал кој годишно странските инвеститори го носат назад, го извлекуваат во матичните земји кои се активни и продаваат стоки и услуги на македонскиот пазар, без оние кои произведуваат само за глобалниот пазар и ништо не продаваат во Македонија. Такви се на пример, Лукоил, Веро, наскоро Лидл, трите телекоми, странските банки во Македонија, Тето, млекарата во Битола, и профитот на сите други фирми купени од странски фирми чии профит по одданочувањето се трансферира во матичните држави каде се нивните централи, како што секаде во светот тоа се случува.
Ова не треба да се сфати дека ние треба да бидеме против овие фирми, напротив, ниту треба да развиваме отпор кон нив, особено не во време на ваква глобализација кога глобалните фирми се присутни секаде и тие освен што поголем дел од профитот го враќаат во матичните земји, носат многу придобивки за земјата домаќин, но потребни се такви компании кои се со македонски капитал да инвестираат во странство па на ист начин тие потоа профитот да го враќаат и инвестираат во Македонија.
Време е за промени во делот на окрупнување на македонскиот бизнис и негово присуство на регионално а во иднина и на европско ниво.
На Македонија и требаат најмалку десет регионални гиганти и уште барем 50 тина регионални полу или мини гиганти кои се на добар пат со по барем една инвестиција во странство барем дел од нив да станат регионални гиганти во следните десет години.
Македонија нема речиси ниту една компанија која е крупен и голем регионален натпреварувач, бренд и конкурент во било која област во смисла на превземање односно купување на странски компании, банки и фабрики од истиот или сличен бизнис во други земји и преку кои државата би имала регионално влијание. За повеќе од регионално и да не зборуваме, во моментот никој не ни помислува, но и тоа треба да е долгорочна цел. Но, да почнеме од регионално.
За жал сонот на многу наши сопственици и акционери на доминантно македонски фирми е добро да се продадат, а не и да купат некоја компанија во странство кој се продава.
А не е дека не можеме…
Тоа што сме мала земја секако е еден од факторите. Поголем проблем е духовната состојба и состојба на умот дека сме многу мали, комплексот на ниска вредност, па и не се помислува на нешто поголемо. Во тој дух веројатно многумина кои сега го читаат овој текст сметаат дека фантазирам невозможни нешта, слично како што многумија мислеа кога во 2006 тата зборував за привлекување на голем број странски директни инвестиции што подоцна се покажа за многу реален и остварен проект.
Пред да кажам како треба тоа да се направи, уште неколку поенти во овој правец.
Иако нешто поголеми од нас, на светско ново во мали земји се вбројуваат и Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција, Австрија или Унгарија. Сите се под 10 милиони жители или најмногу 10 милиони.
Но, речиси сите имаат по неколку големи и повеќе помали регионални “тркачи” и национални брендови кои дома враќаат капитал заработен надвор.
Македонија во овој дел за жал е во друга група со Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, или пошироко гледано може да се спомене и Молдавија на пример. Девастирани држави. Држави во кои не се размислува пошироко и долгорочно. Ниту стратешки и длабински. Затоа што политичките елити им се такви. Тие треба да креираат атмосфера за се.
За да се има такви компании кои имаат не само извоз туку и инвестиции надвор од земјата има најмалку два предуслови. Способна екипа која води одреден бизнис и која има пошироко меѓународни искуство (ако ги нема ќе “си купи” од надвор такви менаџери) и подршка од државата за таков настап на трети пазари преку обезбедување меки во смисла ефтини, со многу ниска камата и долгорочни кредитни линии со посредство на некои од државните институции. И секако добро утврдени критериуми која компанија може и треба да биде подржана преку специјална програма.
За малку да илустрирам без претензии однапред да одредувам кои од компаниите треба да бидат подржани а кои не, за тоа како што пишав ќе треба да се утврдат критериуми, ќе ги споменам најкрупнитете и најбрзорастечки што ми паѓаат на ум или оние чии акции најмногу растат на берзата и се најпосакувани. Ќе тргнам по тој критериум за да не испадне дека некого намерно фаворизирам или рекламирам, бидејќи не ми е целта никого да навредам или омаловажам, туку да илустрирам и да кажам дека време е државата ова да го земе како свој стратешки проект и која и власт да дојде, да не застане со тој проект, бидејќи тој несмее да е партиски туку национален проект.
Еве на пример видовме како изгледа кога дојде нова власт и речиси ги запре напорите за носење на нови директни странски инвестоции во Македонија, па се сведовме во овие шест години на инвестирање на нивните претходно планирани следните фази на развој (нови погони) на веќе донесените инвестоции пред 2017 година, по некоја веќе договорена, а сеуште не реализирана инвестиција од времето кога ја предводев владата и дали само 2-3 поголеми надвор од овој список. Лошо изгледа сето тоа, затоа што СДСМ еден таков важен проект го гледа низ партиска призма, како “успех на Груевски кој треба да запре и да се заборави”, ама никако да ги убедат граѓаните да заборават да ја напуштат државата па затоа сега речиси четири пати повеќе од порано граѓани ја напуштаат Македонија.
Но, да се вратам на илустрацијата…
Зошто на пример Комерцијална банка или некоја друга банка во доминантна сопственост на македонски акционери да не купи банки во уште три или пет држави во регионот за почеток, се разбира една по една? Не може да собере пари? Секако дека може да прибере капитал ако тоа и е целта, ако се посвети на тоа и ако има подршка од државата преку специјално утврдени програми.
Зошто во Македонија на пример има две бугарски банки или незнам колку грчки банки итн, а ниту една македонска нема во Бугарија или Србија или Косово, Албанија итн?
Зошто Алкалоид не добие поддршка да купи уште пет помали или поголеми фармациски производители низ регионот или надвор од него?
Зошто ИГМ Кавадарци не купи такви помали фабрики во уште 7 држави и да стане регионален играч и регионален гигант број еден во својот бизнис во регионот а со тоа и меѓу првите 10 во Европа?
Зошто Тиквеш од Кавадарци не купи уште неколку производители на вино или друг алкохол во другите земји во регионот или пошироко?
Или зошто Кожувчанка да не купи или изгради фабрики за вода во Албанија, Косово, Босна и Хецеговина и Црна Гора или Србија? Се разбира една по една.
Или Бас Тути Фрити да превземе уште неколку регионални фабрики за ПЕТ амбалажа на пример во Бугарија, Србија, Грција…
Мак Прогрес во кондиторската индустрија како и Витаминка која освен во кондиторската може да се шири во производството на масла и за јадење, каде и струмичката Алмакс може да стане регионален инвеститор во Бугарија, Хрватска, Србија итн. Прилепска пивара може да превземе односно да купи неколку пивари во регионот како што тоа го прават поуспешните пивари во други држави.
Зошто Гранит од Скопје да не купи две други градежни компании во некоја од земјите на западниот Балкан или надвор од него и да почне да ги развива?
Зошто да не му се помогне на Тинекс да се прошири во целиот регион и земја по земја секаде да стане еден од поголемите ланци на супермаркети во период од 10 или 15 години?
Телекомите се продадени. Но и во Унгарија беа исто така продадени во минатото, па домашниот бизнис со подршка на државните програми создава нов гигант во таа област кој веќе започна регионална експанзија во 3-4 држави и тоа нема да запре. Фирмата 4ИГ веќе го купува и Водафон -Унгарија а целта и е огромна регионална експанзија, како што српскиот телеком отвори телеком во Макеоднија.
Зошто унгарски МОЛ може да е присутен во 12 земји надвор од Унгарија а македонскиот Макпетрол или некоја друга нафтена компанија да не е во две или пет други земји? Или ОТП банката од Унгарија на пример која е присутна со купени банки во десетина земји.
Зошто своевремено Агрокор од Хрватска изгради откупен центар во Струмичко а некоја од најголемите македонски фирми за откуп на земјоделски производи не отвори таков во Хрватска, Србија или Албанија на пример?
Австрија не ја ни спомнувам бидејќи таму листата е долга, а не е кратка ни грчката и словенската.
Постојат неколку начини како државата да го спроведе ова.
1. Да формира специјална агенција која ќе дава финасиска подршка за инвестирање во странство на компании со доминантно македонски капитал и со претходно утврдени критериуми; Средствата ќе се обезбедат од буџетот, институцииналните банки и/или од издадени долгорочни обврзници кои ќе се вратат во точно утврден рок а кои на овие компании по точно утврдени критериуми ќе им се доделат во форма на долгорочен заем.
Профитот од таа инвестиција ќе овозможи враќање на кредитот, и македонските граѓани нема да бидат ниту оштетени, ниту да се чуствуваат дека со нивни пари платени од даноците се полнат џебовите на богатите.
Само за оние кои ги исполнуваат критериумите ќе се искористат државните механизми за подршка и експанзија на најнапредните македонски компании;
2. Можно е наместо формирање нова агенција оваа активност да се придодаде како ингеренција или на банката за развој или на Агенцијата за подршка на извозот и странските инвестиции кои веќе постојат, и секако да им се овозможи програма и буџет за тоа.
3. Во некои земји имаше краткорочни две до три години програми на народната банка која купуваше корпоративни обврзници со свои средства до износ од 70% на компании кои правеа експанзија во други држави, додека другите 30% ги купуваа банките во земјата, на база на конкретни бизнис проекти за инвестирање.
Повторно тие пари компаниите ги враќаат со тек на време во утврдениот рок.
На пример во 2019 и 2020 унгарката народна банка настапи со ваков проект со објаснување дека сака да го подржи пазарот на капитал, и одкупуваше корпоративни обврзници за инвестиции вон но и во Унгарија.
Зошто Народната банка на Македонија да не ги поддржи барем експанзиите на вакви компании во странство со цел освојување нови пазари, со кои пари некоја банка со доминантно македонски капитал, или некој нов телеком со доминантно македонски капитал, нафтена компанија за малопродажба или за истражување и купување на наоѓалишта за нафта некаде низ светот, подршка на крупен земјоделски комбинат кој ќе купи исто такви некаде во странство, крупна винарија, или било која голема и етаблирана македонска компанија од било која област не се прошири регионално, со добар бизнис план, добар менаџмент и силна политичка подршка на секоја власт во Макеоднија преточена во финасиска подршка во форми како што опишав?!
Секако државата ќе си направи одредени обезбедувања во случај некои од тие обиди да заврши со неуспех, бидејќи нормално е некогаш од поголем број обиди некое да заврши со неуспех.
Од корист на секоја држава е да има крупни регионални играчи. Тоа создава и економско, но и политичко влијание. Тоа е и реклама за државата. Тоа креира друга свест.
И најважно од се: колку пари од профитите на странските инвеститори во Македонија се одлеваат надвор во матичните држави, толку да се влеваат од македонски компании во Македонија што ќе овозможи нови инвестиции во Македонија и нов огромен економски развоен циклус на Македонија.
Ако три такви успеат, се разбира со помош на државата, тогаш уште триесет други ќе работат на тоа во следните децении.
И конечно, кога таквите компании ќе станат гиганти на регионален план, од тоа голема корист ќе има Македонија и Македонците, граѓаните на Македонија.
Профиттите ќе доаѓаат во голем дел во Македонија и дел поголем дел од реинвестициите ќе бидат во Македонија.
Многу успешни менаџери од Македонија ќе бидат испратени да раководот со бизнисите и капиталот во странство.
А со време производите на овие компании тие ќе стануваат уште по успешни, поконкурентни и поевтини бидејќи се ќе набавуваат во поголеми количини, од суровина па до се друго, а така набавката е поевтина, па и крајната цена на потрошувачот поевтина, што ќе рече дека и граѓаните на Македонија како обични потрошувачи ќе имаат добивка од тоа.
На пример, не иста цената ако купиш брод од 25.000 тони нафта или некој нејзин дериват и ако купиш еден танкер од 100.000 тони. Или пак ако имаш капацитет и пазар да договориш годишна (секој месец) набавка на 25 или 50 тони нафтени деривати.
Нема ни за Тинекс или некој друг ланец супермаркети од Македонија да е иста цената кога набавува производи од светските гиганти ако ги набавува за нивните маркети во 6-7 држави наместо далеку помала количина за една мала држава како Македонија.
Колку количината расте, толку цената паѓа.
Нема да е иста и цената на суровината која ја користи ИГМ Кавадарци или Конти Хидропласт од Гевгелија или ФЗЦ Куманово, ако набавуваат за количини за пет фабрики наместо за една. Тие добро го знаат тоа.
Радувајте се кога вашите комшии, пријатели, бизнисмени од Македонија и сограѓани стануваат поуспешни и се окрупнуваат во бизнисот, наместо да им завидувате и да им посакувате да се послаби.
Некој мора да повлече. Тој потоа ќе повлекува и други. Ланец е тоа. Така оди тоа и во приватниот живот и во бизнисот.
Ни требаат локомотиви. Вагони има, локомотиви фалат!
Сега во оваа фаза веќе Македонија треба да размислува како повеќе да купува а не повеќе да продава! Како да инвестира надвор а не само да привлекува инвестиции внатре, па така фирма по фирма да си го зголемува пазарот.
Јас така стратешки би ја градел новата економска политика на Македонија во делот на акумулација на дополнителен капитал и развојот. Се разбира ова не е се, ова е само еден сегмент, но важен сегмент!