За изградба на филмски студија или т.н. филмски град во Скопје најавен од светската филмска ѕвезда Џон Малкович, прво од компанијата барале да им бидат дадени локации за изградба на станбени и деловни згради во Скопје, кои тие потоа ќе ги продаваат, изјави директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски.
– Дојдоа и до нас, ни се обратија, имавме еднаш, два пати средби со регионалните претставници на самата компанија. И во самата презентација на проектот има елементи кои не соодветствуваат… Проектот се состоеше од повеќе елементи. Филмскиот град беше само еден од нив. Имаше еден крупен сегмент кој подразбираше развој на комерцијални објекти, дел за домување, дел за деловни намени, рече Деспотовски во гостувањето во ТВ 24.
На прашањето дали сакале да градат згради, Деспотовски потврди:
– Ако сакате да бидеме брутално искрени, да. Јас немам проблем тоа да го дискутирам. Понудивме сегментот на филмскиот град веднаш да го реализираме во една од нашите зони. Веднаш, земјиште да лоцираме за таа намена, дури и да обезбедиме контакт со домашни фирми кои биле подготвени тоа да го изградат и да го дадат под наем, само компанијата да дојде, да донесе технологија и да донесе клиенти да се снима тука, рече Деспотовски.
Тоа за мене, додава тој, беше индикатор дека можеби делот на филмски град е залепен на целата приказна за да може да се турка побрзо.
Филмскиот град, според Деспотовки, не бил приоритетен за компанијата на Малкович, а на прашањето што е спорно и во тоа да гради згради, Деспотовски вели дека нема ништо нелегитимно, но тоа треба да биде во редовна постапка, а не да им се даде земјиште за без пари.
Тој рече дека не знае дали уште е во игра изградбата на филмски град и вели дека веќе немале контакти со претставниците на компанијата.