Претседателот на државата Стево Пендаровски ја повика Владата да направи се што е во нејзина моќ и да ги врати платите на функционерите на досегашното ниво. Според него одлуката на Уставниот суд мора да се почитува но мора да се изнајде и начин преку измена на коефициенти да не дојде до зголемување на платите за 78 проценти.
„Мојот став го знаете, мене ми е криво што повеќе носители на функции не го делат тој мој став. Владата мора да направи се што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежности платите на функционерите од мене па до локална самоуправа да останат на ова ниво на кое што се сега. Со измена на коефициенти, со измена на основица поинаку не можеме да излеземе на очи пред граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситуација кога замрзнуваме цени на основни животни продукти ние си ги зголемуваме платите“, вели Стево Пендаровски.
Инаку плата според новите пресметки први добија пратениците а деновиве покачена плата ќе им легне и на сметките на другите функционери. За волја на вистината покачувањето на платата за месец март е само за 8 дена колку што трае важноста на одлуката на Уставниот суд. И само за овој период пратениците добиле 16 илјади денари покачување, но доколку би зеле цела плата по новите пресметки таа би изнесувала 1.750 евра. Вчера на владината седница станало збор за можноста за намалување на коефициентот на платите, но одлука за тоа не донеле. Меѓу оние на кои со ваквата одлука на Уставниот суд им се зголемува платата се и судиите на самиот Уставен суд.
„Во однос на покачувањата колку и како ќе бидат тоа треба да го даде како одговор друга надлежна институција која што ги прави пресметките. Се разбира тука се опфатени и уставните судии затоа што тие се избрани во Собранието, меѓутоа Уставниот суд е единствен орган на државата кој што има надлежност да одлучува по вакви прашања. Затоа тука беше и поставено ова прашање, тука беше и одлучено“, порача Христина Беловска.