Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е најлесниот услов од рамката за преговори со ЕУ, анализира БГНЕС.
Според бугарскиот портал, клучно место во протоколите кои произлегуваат од Договорот за добрососедство од 2017 година зазема работата на историската комисија и измената на учебниците која треба да следува од тој процес.
„Точно тука доаѓа најсериозниот проблем со кој се соочува имплементацијата на Договорот. По повеќе од пет години работење сите се свесни дека Мешовитата историска комисија не направи речиси ништо, особено во однос на навистина контроверзните историски теми“, се вели во статијата.
Натаму во освртот се додава:
„Дури и занемарливо малите компромиси во реалноста, непроблематичните теми, се забораваат или не се применуваат во процесите на учење и помагалата. Причината за ова е одбивањето на македонскиот дел од комисијата да преговара за важните историски теми или да се променат до милиметар наративите наследени од времето на Титова Југославија, а понекогаш и со директни провокации кон бугарската страна. Доволно е само да потсетиме на предлогот даден во 2019 година од македонска страна за заеднички датум на прослава за Гоце Делчев да биде избран денот на кој комунистичка Бугарија ги предаде неговите коски на комунистичка Југославија во 1946 година“, пишува БГНЕС.
Анализата како досега неисполнети услови ги спомнува и обврската која Македонија ја зела да се бори против говорот на омраза во земјата, отворањето на досиејата на комунистичкиот режим и рехабилитацијата на жрвтите со бугарска самосвест.
БГНЕС пишува и дека во работната група за уставните измени има „истакнати претставници на југословенската и српската правна школа, но не и претставници на македонските Бугари“, иако основа за учество во телото не е етничка пруипадност туку политичка и институционална.