Бујар Османи не сака Бугарите во Уставот да бидат внесени како „македонски Бугари“ наместо како „дел од бугарскиот народ“. Додека во Бугарија се повеќе политички авторитети зборуваат за некакво внесување на „македонски Бугари“, првиот дипломат вели дека Договорот е јасен, доколку се постигне консензус, во преамбулата само ќе се додадат Бугарите, Хрватите и Црногорците, но по досегашната терминологија.

Уставните измени се точно прецизирани во потпишаниот Протокол со Бугарија, како ќе изгледаат и каде ќе биде позицијата на Бугарите во Уставот. Така што и за Комисијата, што е формирана во Министерството за правда, ќе биде многу лесна работата, затоа што само треба да го земат Протоколот, таму пишува точно каде што се спомнати останатите етнички заедници, после запирката пред други, треба да се впишат и заедниците кои ќе бидат додадени – Хрвати, Бугари, исто како и останатите, не може да има разлика од тоа како се впишани другите – рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Доколку помине формулацијата „македонски Бугари“, тоа значи дека ќе треба да дојде и до промена на начинот на кој Албаците ќе бидат претставени во уставот, односно и тие би станале македонски Албанци. Инаку, новата формулација која се почесто ја кориси официјална Софија, а последно ја употреби претседателот Румен Радев, според експертите ја покажува, основната намера на Бугарија – да се докаже нивниот став за „еден народ во две држави“, бидејќи според нив не постојат Македонци, туку сите сме македонски Бугари.

Тоа воопшто не е случајно. Одамна е јасно дека овде има македонски Бугари. Тоа сме ние сите. Така да целта, основната намера на Бугарија да се внесат во Уставот некакви Бугари, еден грст луѓе, е тоа да бидат македонски Бугари, тоа сме сите ние според нив, бидејќи за нив нема Македонци. БГНЕС, објави дека уставните измени се најлесното од тоа што ни претстои. Ако ги почнеме преговорите еден ден, ќе има веројатно 34 поглавја, а 34тото ќе биде Бугарија, и тоа со сите нивни барања, нецивилизациски. Да спомнеме, едно од поглавјата е образование, Бугарија нема да пушти да помине тоа туку-така. Значи ќе треба да ги менуваме учебниците согласно Договорот кој предвидува таканаречена „заедничка историја“. Во учебниците ќе сакаат да стои дека Гоце Делчев е Бугарин – вели поранешниот амбасадор, Ристо Никовски за АЛФА.

И албанскиот политички блок си има свои барања – да се избрише формулацијата 20% која се однесува на Албанците односно на Албанскиот јазик. Некои партии веќе најавија дека гласањето за уставни измени ќе биде условено со оваа промена. Министерот за надворешни работи побара од партиите да не го политизираат процесот со Уставните измени, да станат дел од работните групи и таму да ги поднесат сите свои предлози. Тој би поддржал и уште една интервенција во делот со 20те проценти, но само под услов ниту една од партиите да не го кочи процесот.