Руските пратеници изгласаа серија измени на Кривичниот законик, со кои се зголемуваат казните наменети за противниците на власта, а еден од нив воведува доживотен затвор за „велепредавство“.
Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, гласаше за казнување на оние кои „помагаат во спроведувањето на одлуките на меѓународните организации“ кои Русија не ги признава.
Оние кои ќе ја прекршат одредбата, која се чини дека е насочена кон Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој издаде налог за апсење на Владимир Путин во март, или оние кои им помагаат на „странските владини организации“ ќе се соочат со затворска казна до пет години.
Максималната казна за „велепредавство“ е зголемена од 20 години на доживотен затвор.
Во понеделникот рускиот суд го осуди опозицискиот активист Владимир Кара-Мурза на 25 години затвор за „велепредавство“. Кара-Мурза (41) беше обвинет за велепредавство, ширење „лажни“ информации за руската армија и поврзаност со „непожелна организација“.
Усвоените амандмани, исто така, ги зголемуваат казните за злосторствата поврзани со тероризмот, за кои понекогаш се вели дека имаат за цел да ја потиснат опозицијата.
Терористичкиот напад сега се казнува со затвор до 20 години, за соучесништво до 12 години и за поддршка на терористички активности до пет години.
Казната за создавање терористичка организација е до 15 години затвор, а за саботажа до 20 години.
Од почетокот на офанзивата против Украина пред повеќе од една година, руските власти преземаат мерки против критичките гласови дома, пренесуваат регионалните медиуми.
Според написите, речиси сите главни противници на Кремљ се зад решетки или во егзил во странство.
Најпознат е Алексеј Навални, кој отслужува деветгодишна затворска казна наводно за измама, но случајот се смета за политички.
Опозиционерот Илја Јашин во декември беше осуден на осум и пол години затвор поради критикување на офанзивата против Украина.