Со крпење на дупките се одржува во живот државното здравство. Според најавите од синдикатот на Геријатрија, дури 150 медицински сестри ги пакуваат куферите и си одат од македонските болници за подобри услови и достоинствена работа во странство.Од Независниот синдикат на Геријатрија алармираат дека од наесен ќе има сериозен дефицит на овој кадар доколку надлежните конечно не почнат да ги решаваат нивните проблеми.
“Сестрите упорно си ги бараат нивните правa, меѓутоа слух од Владата нема. Затоа поголем дел од нив веќе се решија до крајот на годинава околу 150 веќе имаат најава,да ја напуштат земјава и имаат веќе договорено работа во Германија.Убрзан курс по германски јазик посетуваат за да можат таму да комуницираат” вели Лазо Костовски – претседател на Независниот синдикат на Геријатрија.
Од синдикатот го бараат покачувањето на платите на здравствените работници како што беше ветено. Но и признавање на дипломите на медицинските сестри со вишо образование.Ако за скоро време не го добијат тоа…најавуваат масовни протести во главниот град.
“Ќе ги блокираме двата влеза во Скопје, и од кај Ѓорче и од Автокоманда.Посебно ќе го блокираме центарот на градот, така да нема да можат да отидат на работа ниту претседателите на судовите, ниту на собрание…ниту на Влада.Нека си одат пешки а не со возила.” – рече Лазо Костовски.
Дали МЗ ќе преземе нешто и ќе ги реши проблемите на здравствените работници од кабинетот на министерот не добивме одговор.
Дека недостига медицински кадар алармираат и самите лекари. А молат и директорите на здравствените установи, кои бараат итни вработувања. Министерот Меџити последно што кажа на оваа тема е дека ќе има вработувања, но ќе чека да му кажат каков кадар недостига.
Инаку, битолската и штипската клиничка болница, скопската Брза Помош и Клиниката за детски болести во моментот имаат барања за околу 400-тини вработувања на медицински кадар за да можат да функционираат без проблеми.
Во оваа бројка не се и здравствени домови и болници од Охрид, Струга и други градови кои исто така молат за лекари. Некои од нив со години чекаат одобрување од здравство и финасии.