Групата наставници кои од соседните општини секојдневно патуваат до своите работни места во училиштата во општина Долнени, со години, трошоците за превоз си ги плаќаат од свој џеб. Нивните обиди проблемот да го решат со надлежните, останувал безуспешен. Градоначалникот ги игнорирал, а од МОН им било речено дека парите за таа цел редовно биле испраќани до општината и дека тоа треба да си го решат со градоначалникот. Стравувајќи за своите работни места, тие не сакаат да говорат јавно, па до нас се обратија писмено.

„Некои од нас патуваат со комбиња, а некои со свои сопствени возила, па се договараат заеднички да го платат горивото на оној со кого патуваат. Во зависност од оддалеченоста на селото и видот на превозот, некои од нас плаќаат секој месец 2 000, 3 000, па сè до 4 000 денари месечно. Во ова кризно време во кое живееме тоа не се малку пари. Се чувствуваме дискриминирано и понижено, ако се земе предвид тоа дека нашите колешки и колеги кои живеат и работат во градот и другите општини добиваат месечен надоместок за патен трошок без разлика дали училиштето во кое работат им се наоѓа на 50 метри од нивниот дом, додека ние секојдневно патуваме со километри и за тоа си плаќаме од сопствениот џеб. Скоро секоја година добиваме ветување: „од септември ќе биде“, ама тој септември се’ уште не дошол“, пишуваат во писмото обесправените наставници чиј идентитет и’ е познат на нашата Редакција.

Обесправените наставници се прашуваат каде завршуваат овие пари кои ним законски им следуваат, ако е точна информацијата дека МОН си ја исполнува својата обврска и средствата ги пушта редовно, особено што неисплаќањето траело со години?

Дали овие наводи се точни, одговор се обидовме да добиеме од градоначалникот на Долнени, Урим Ибески. Но, тој не одговори ниту на нашите телефонски повици, ниту пак на смс-пораката. Електронски допис со истите прашања испративме и до МОН, но и оттаму, до овие вести – молк.

Каролина Дурло за ТВ АЛФА