Никола ГРУЕВСКИ

Зошто народот треба да собира пари за лекување на некој млад човек осигуран во Фондот за здравство? Зошто државниот фонд не ја плати операцијата? На што личи една држава ако секоја или секоја втора недела за некој се собираат пари за лечење?

На што личи една држава која наместо редовно да си купува медицинска опрема и апарати и истата да ја одржува, чека некој да се смилува и да и даде донација?

Нема една градба во моментот на некоја нова болница или клиника, а нема ни реновирања.

Тие што беа почнато се запрени цели шест години, како клиничката болница во Штип, реновирањето на болницата Еразмо во Охрид кое го оставивме завршено, само се чекаше лифтот да се вгради, и реновираната болница да се пушти повторно во функција. За новиот клинички центар не сакам ни да говорам…

Нема никакви реформи.

Нема програма за континуирана обука на лекарите во најнапредни клиники низ светот, а одеа по 1000 годишно?

Зошто вака? Што се случува? Вака беше до 2006 година.

Зошто пак?

Се сеќавам дека предложив и се спроведе мерка државата преку Фондот за здравство да ги покрие трошоците за секое лекување во странство за операции и интервенции за кои нема квалификувани лекари во Македонија.
И така бидна. Се најдоа пари кога имаше воља.

Се донесе одлука за плаќање на партиципација од најмногу 200 евра за лекување во странство.
Пациентите кои имаат потреба да се лекуваат во странство на државна сметка, кога во јавното здравство не може да се изврши таа интервенција, плаќаа партиципација од најмногу 200 евра.

Претходно пациентите учествуваа со 20% од трошоците, а од први јануари 2013 година плаќаа најмногу 12 илјади денари за лекување во странство. Целиот останат трошок, без разлика колкав е трошокот, го плаќаше државата.

Секако, се формираше комисија од лекари специјалисти кои само требаше стручно да потврдат дека за одредена дијагноза не може да се изврши лекување во Македонија, и потоа државата преку институциите ги покриваше трошоците.

Така запреа оние секојдневни јавни апели и отворени, бесплатни и не знам какви телефонски линии за собирање пари за нечие лечење. Потоа такви случаи со собирања пари имавме само кога се донираше за други држави, како кога беа големите поплави во Србија или слично! Но не и за своите граѓани осигуреници на фондот.

Убаво е и за поздрав е што граѓаните и дијаспората се хумани и дарежливи, но ова не е никаков систем, ова не личи на држава, многу лошо изгледа, многу лошо! И многу тешко за болните.

Додатно, ова ја намалува довербата во системот во очите на секој граѓанин во земјата! Може цел живот да плаќаш здравствено осигурување и ако еднаш се разболиш ти или твоето дете, да треба куќата да си ја продадеш за лекување.

Тоа ли е правда? За таква ли правда се бараше власт и глас на изборите?

Откако ја во воведовме таа мерка, бројот на вакви случаи се сведе речиси на нула, и единствено се јавуваа вакви ситуации ако некој не е здравствено осигуран, бројка која е многу мала а и за оваа категорија луѓе имавме некои програми или доколку државата склучила договор за одредена интервенција на пример со некоја врвна клиника во Турција или Германија, а на пример родителот инсистира неговото дете да го оперира некој друг доктор во некоја друга врвна клиника, за кој некој пријател му пренел некое добро искуство, па бара помош од ваков тип. Но, не бил оставен на улица, туку сам решил да поклони доверба не на една врвна клиника и лекар, туку на друга врвна клиника и лекар. И тоа беа 1-2 случаи годишно такви, не повеќе.

Паралелно побарав и направивме листа на болести и интервенции за кои државата преку Фондот за здравство троши најмногу пари за лекување во странство бидејќи во земјата нема специјалист за истото и мора да се плаќа во странство, и потоа баравме соработка и праќавме на обука лекари во странство во најнапредните клиники, или организиравме странски лекари да дојдат во Македонија за да ги обучат нашите лекари за да може тие болести и интервенции успешно да се решаваат во домашниот здравствен систем.

Најпрвин по 500 годишно, а потоа по 1000 лекари и медицински сестри одеа на обуки кои ги договаравме со врвните клиники во САД, Германија, Холандија, Италија, Франција, Велика Британија, Турција, Канада итн, а за одредени специфични работи и во Кина, Индија, Хонг Конг…

Тие кои не знаеја некој од светските јазици, ги праќавме во околните земји со понапредни системи и клиники каде може да се разберат, во Љубљана, Загреб, Софија, Белград…

Каде отидоа тие лекари во овие шест години?

Сега повторно имаме многу често вакви случаи на јавни апели за сеопшто собирање пари за на некој да му се спаси животот.

Па зошто граѓаните плаќаат придонес за здравство преку одвојувања од бруто платата?

За кога ќе се во мака, да просат преку медиумите за пари и тоа не малку туку 110 илјади евра од илјадници граѓани да бараат милостина, а потоа како во овој случај подолу на скриншотот тоа да е некаква вест во државата?

Зошто родителите на ова момче цел живот работејќи плаќале придонеси за здравство?

За денес нивното најмило со целата мака која ја има уште и да моли и да се заблагодарува јавно за подарени 100-200 денари од илјадници хумани граѓани?

Зошто да се понижуваат и оптеретуваат тешко болните, кога ова прашање беше решено и одлично функционираше со години?

Не е во ред ова!

На младиот матурант му посакувам здравје, успешно лекување и брзо закрепнување, а на власта да биде почовечна, повеќе фокусирана на проблемите на луѓето и да не ги остава граѓаните да молат за милостина токму тогаш кога им е најтешко во животот и се чуствуваат беспомошни.

Не го заслужиле тоа!