Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) регулира, контролира и мониторира бизнис од 2,5 милијарди евра на годишно ниво, но нема никакво влијание врз малопродажната цена на нафтата и нафтените деривати. Нити има вина кога се зголемува, ниту, пак, има заслуга кога поевтинува цената, оценува претседателот на РКЕ Марко Бислимовски во интервју за МИА.

Регулаторната комисија за енергетика при пресметките секогаш нуди четири цени за нафтените деривати.

-Кога носиме одлуки за цени секогаш даваме четири цени, максималната и уште три цени намалени за 0,5 денари, но во принцип најголем дел од трговците со нафта и нафтени деривати се држат на максималната цена. Имаше само краток период кога Макоил се обиде да работи со пониска цена, посочува Бислимовски.

Во последниов период, потенцира, се говори дека во 2008 година кога нафтата на светскиот пазар била поскапа имало приближно исти цени на нафтените деривати како сега.

-Главна причина за тоа е што РКЕ тогаш определувала цени за бензини и дизел по стандардот D3 и D4. Во 2009 година тоа е укинато и ние сега определуваме цени за стандардот D5 чие производство е поскапо и заради тоа сметаме дека не е во ред да се споредуваат горива со различен квалитет. Тие што биле до 2008 година биле со многу понизок квалитет и концентрацијата на сулфур им била многу повисока. Оние што сега се произведуваат се со многу пониска концентрација на сулфур и поради тоа производниот трошок за нив е нешто повисок, посочува Бислимовски.

Историски највисока одлука, додава, има донесено на 7 јули 2008 година кога цената на Брент нафтата изнесувала речиси 140 долари за барел, а курсот на доларот бил 39,116 денари. Сега е околу 53 денари.

-Тренд на пораст на цените на нафтата на берзите имало и во 2012 година. После воведувањето на стандардот D5 на 12 март 2012 година имаме определно цена од 86 денари за ЕУРОСУПЕР БС-95, а ЕУРОДИЗЕЛОТ БС (DE V) бил утврден на износ од 75,5 денари за литар. Тогаш цената на суровата нафта била околу 140 долари, а курсот на доларот 46,18 денари, вели Бислимовски.