Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски има дилема дали прифаќањето на уставните измени ќе не однесе побрзо во Европската Унија. Во емисијата на ТВ 21 „Клик плус“ тој рече дека ако ги донесеме измените на Уставот влегуваме во ризик на постојани барања од Бугарија и затоа смета дека наместо уставни измени потребни ни е кохезија на нашето општество.

„Ако ги прифатиме уставните измени ние ќе влеземе во патеката на Европската унија, напишана со таканаречениот францускиот договор каде што има десетици и десетици бугарски барања внесени во преговарачката рамка преку протоколите и преку Договорот за добрососедство кои што ќе значат или наше апсолутно прифаќање на тие барања, како што го слушаме Радев, како што ја слушаме Јотова и така натаму или ќе значи одолговлекување. Не смееме да се правиме дека преговараме само со Брисел, бидејќи во Брисел еднакво право на одлучување има и Софија“, изјави Димовски.

Иако премиерот Димитар Ковачевски рече дека доколку не се случат уставните измени нема намера да си поднесе оставка, сепак Димовски смета дека во таков случај Владата ќе го изгуби легитимитетот и притоа тој го повтори она што ВМРО-ДПМНЕ постојано го бара, а тоа се предвремени избори.

„Ако не бидат прифатени уставните измени во Собранието, а така изгледа дека ќе биде, оваа Влада не го губи легитимитетот во сурова смисла на зборот, во смисла на бројките во Собранието, таму успеваат да имаат двајца-тројца плус, но го губи легитимитетот во смисла на политиката што ја продуцира и која што ја спроведува. Веднаш после тоа мислам дека би било коректно за општеството, не за политичките партии, настрана политичките партии, за општеството да се организираат избори“, рече Димовски.

Димовски рече и дека на следните избори кога ВМРО-ДПМНЕ би добиле околу 55 пратеници, тогаш оние кои сега се најгласни во ДУИ први ќе дојдат да преговараат со нив.