Под слоганот „Гласни и горди“ на 24 јуни ќе се одржи четвртата парада на гордоста во Скопје во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици според истата рута како и минатите години и ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во градскиот парк.
Организаторите Кочо Андоновски и Ирена Цветковиќ порачаа дека парадата овозможува барем на еден ден младите да можат да почувствуваат грижа, поддршка, сплотеност и прославување на нивниот идентитет во општеството. Тие велат дека изминативе години се повеќе се забележува големата излезност на младите и тоа покажува дека сепак постои надеж за генерациите што доаѓаат кои се се погласни и горди на својот идентитет.
Андоновски ги повика и борците на права за другите каузи и порача дека парадата се отвора како платформа за сите групи кои својата порака сакаат да ја пренесат на јавноста.