Невозможна мисија е евтината днавна тарифа на струјата да им се врати на домаќинставата од јули годинава, се вели во прилогот на ТВ 24. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека на терен екипите кои ги приспособуваат броилата се соочуваат со технички проблеми околу софтверот. Регулаторот е оптимист дека проблемите ќе бидат надминати, и евтината дневна тарифа ќе биде воведена, но неофицијалните информации кои ги добивме велат дека следниве месеци евтина струја во текот на денот граѓаните нема да користат.
„Ги правиме анализите, сериозно се разидуваме со операторот во однос на времето, кога би можеле тие да стартуваат, со имплементација на евтината тарифа. Нашата цел е што е можно поголем број на граѓанио во ист момент да ја користат таа евтина тарифа за да нема жалби и поплаки зошто некој има, зошто некој нема.“ вели Марко Бислимовски претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Од ЕВН за ТВ 24 потврдуваат дека со засилено темпо се работи на терен. Но кога ќе биде завршена целата работа засега не се знае.
„ЕВН секогаш ги спроведува одлуките на Регулаторната комисија за енергетика. Нашите екипи се на терен и рачно ги прилагодуваат броилата.“
По најавата дека ДДВ-то во сметките за струја од 10 отсто ќе биде вратено на 18 отсто, најавите за враќањето на евтината дневна тарифа во јавноста беше прифатено како компезација за можното зголемување на цената на електричната енергија од јули. Сега оваа информација доаѓа во многу чувствително време кога компаниите од енергетскиот сектор бараат зголемување на цената на струјата а со тоа и повеќе пари од колачот за нив. Веќе во јавноста се шпекулира и дека 70 евра за мегават час ќе биде цената која владата ќе ја понуди на тендерот за набавка на електрична енергија, односно за стујата која државната ЕСМ треба да ја даде на ЕВН Хоум. Од владата засега нема одлука која ќе биде цената иако не е останато уште многу време до први јули. Актуелната цена по која државата и ја продава струјата на ЕВН е 56 евра или за 14 евра помалку од тоа што сега би се барало.