Германскиот канцелар, практично ги повтори гаранциите, кои што веќе стојат во Преговарачката рамка. Други услови не може да има во Преговарачката рамка и затоа она што ЕУ требаше да го направи досега, го направи и она што ние треба да го направиме, верувам дека ќе го направиме и потоа продолжува процесот на отворање на поглавјата и сите реформи што следуваат, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска ја завршува дводневната посета на Германија.

Прашан каква гаранција може да направи Германија за дека ќе нема нови услови на нашиот европски пат, ако Бугарија каже не, Ковачевски, посочи дека не постојат дополнителни услови во преговарачката рамка, која потсети дека е резултат на консензус меѓу сите 28 членки.

– Таа преговарачка рамка има многу јасни одредби во неа. Тоа е дека на 28 јуни ќе се одржи прва меѓувладина конференција, која што се одржа. Дека ќе биде потпишан договорот со ФРОНТЕКС, кој што се потпиша и каде за првпат го имаме Македонскиот јазик, чист без никакви додавки, заедно со сите други јазици на ЕУ, одобрен од сите 28 земји членки на ЕУ. Дека, втората меѓувладина седница ќе се одржи без никаква дополнителна одлука по спроведувањето на уставните измени и скрининг процесот, изјави Ковачевски.

Прашан за можноста од дополнителни блокади на секое поглавје, Ковачевски подвлече дека на секое поглавје, секоја држава согласно Копенхашките критериуми може да даде забелешки по однос на реформите и напредокот.

– Животната средина и заштитата на животната средина е еден, исто така, од критериумите во пристапувањето во ЕУ… Во тој дел секоја држава може да даде забелешки и тоа да биде исполнето во рамки на стандардите кои владеат во ЕУ. За тоа се работи, други прашања кои се од билатерална природа, се решени во билатералниот договор со Бугарија, изјави Ковачевски.

Во делот на малцинските права во нашата држава, според Ковачевски, имаме толку многу направено што, како претседател на Влада и како министри сме многу горди.

–  Ако го споредите нашето законодавство и начинот на кој што се уредени малцинските права, особено после рамковниот договор, не постои земја, која што ги има уредено на таков начин. Значи, користење на јазици, институции за заштита на користење на јазици, право на користење на најразлични услуги во општините или на државно ниво… Тоа е уредено на врвно ниво, изјави Ковачевски.

Дополнително на тоа, подвлече премиерот, во текот на скринингот се изготвуваат три патокази, од кои едниот е патоказ за правата на сите малцинства.

– Сметам дека тоа е еден од патоказите, кои што ние на најдобар начин ќе покажеме дека сме врвно мултиетничко, мултикултурно општество, што практично е Европа во мало, во една држава, изјави Ковачевски.

Затоа, нагласи Ковачевски, фокусот повеќе треба да биде на други реформи во нашето општество кои се потребни, а кои што значат унапредување на владеење на правото, на борбата против криминалот и корупцијата и владеењето на демократијата.