Во однос на ЕУ, иако бројот на поддржувачи е речиси ист, се забележува дека споредено со пред една година има раст на бројот на противници на членството за 3,2 отсто. Исто така, за дури 11,3 отсто е зголемен бројот на оние граѓани што сметаат дека Македонија никогаш нема да се зачлени во Унијата

Изминатите три години расте поддршката за НАТО, додека за ЕУ останува скоро на исто ниво, покажува истражувањето што денеска го објави фондацијата „Конрад Аденауер“.

Според резултатите, 65,7 отсто од испитаниците во анкетата го поддржуваат членството на Северна Македонија во НАТО, наспроти 27,3 отсто што не го поддржуваат. Седум отсто од граѓаните, пак, изјавиле дека немаат став односно не знаат.

Во однос на изминатите три години, се забележува континуиран раст на поддршката на членството. Во 2021 година таа изнесувала 59,8 отсто, а лани 64,2 отсто.

Ова значи дека поддршката за членството на земјава во НАТО за три години се зголемила за 5,9 отсто.

Мнозинството граѓани сметаат и дека Македонија сега е побезбедна и постабилна.

„Во однос на влијанието на членството во НАТО врз безбедноста на Северна Македонија 56,1 отсто од испитаниците сметаат дека денес државата е побезбедна и постабилна наспроти 35 отсто кои сметаат дека државата е понебезбедна и понестабилна, што претставува разлика од повеќе од 20 отсто во прилог на првата група испитаници“, пишува во извештајот.

Раст на противниците за ЕУ и скептиците дека некогаш земјава ќе успее да се зачлени.

Во однос на ЕУ, пак, 62,3 отсто од испитаниците во истражувањето на јавното мислење рекле дека го поддржуваат процесот на евроинтеграции. Наспроти нив, пак, 32,7 отсто не го поддржуваат, а 7,7 отсто се изјасниле дека немаат став односно не знаат.

„Споредено со 2022 година, процентот на поддржувачите на интеграцијата на … Македонија во Европската Унија останува приближно ист, меѓутоа забележлив е раст на противниците од 3,2 отсто“, се наведува во извештајот.

Дел од истражувањето е и ставот на граѓаните за тоа за колку време Северна Македонија ќе се зачлени во ЕУ.

Најголема група од испитаниците односно 39,3 отсто сметаат дека нема да се случи никогаш. Дека членството ќе се остави за 10 години, сметаат 14,9 отсто, а 11,3 отсто се со став дека тоа би било за 10-20 години. Најмал процент или 8,5 мислат оти земјава ќе стане членка на ЕУ за пет години.

„Споредено со 2022 година во 2023 за 11,3 отсто е зголемен бројот на испитаниците што се дел од најголемата група која смета дека … Македонија нема никогаш да се зачлени во Европската Унија“, потенцираат од Конрад Аденауер.

Истражувањето за потребите на оваа фондација е направено на крајот на мај 2023 година. Анкетата ја спровел Институтот за политички истражувања (ИПИС) врз примерок од 1 111 испитаници и е направена телефонски.