По изјавите на лидерот на ДУИ Али Ахмети за истрага на неговиот внук Дрин, откако тој го купи бизнис центарот Соравија, Беким Ќоку, политичкиот советник на косовскиот премиер Албин Курти, прашува јавно која правда треба да го истражи неговиот внук.

Реакцијата на Ќоку ја пренесе информативната агенција на албански јазик Журнал. Тој го прашува Али Ахмети:

– Кажи ни која правда: онаа правда, која беше заробена и уништена до темел од ДУИ? Онаа правда со доверба од само 4 отсто? Онаа правда на обвинителите и судиите, кои се фамилијарни со ДУИ? Онаа правда на Државната комисија за антикорупција, која има доверба од само 3 отсто? Или правдата на Стејт Департментот на САД? Која правда, Али Ахмети?- прашува Ќоку.

Реакцијата на Ќоку доаѓа откако за купувањето на Соравија, Ахмети рече дека „Дрин не може да ја избегне истрагата“.

– Ни Дрин не може да ја избегне истрагата. Нека се разоткрие вистината, за ова нема да има пречка и нема амнестија или засолнување од моја страна. Се што ги интересира државните органи, слободно нека вршат истраги и да се открие вистината, рече Ахмети.