Никој нема право да ја ограничува иднината на граѓаните и да ја изолира државата, затоа треба да се отвори дискусија низ којашто ќе се дојде до поддршка за одлуката за продолжување на европската интеграција на … Македонија и до 2030 година остварување на втората цел на државата, а тоа е полноправно членство во Европската Унија, изјави денес премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во рамките на НАТО самитот во Вилнус.

Одговарајќи на новинарското прашање околу ставот на лидерот на опозицијата Мицковски дека повеќе не разговара за уставни измени под бугарски диктат, Ковачевски нагласи дека уставните измени се дел од преговарачката рамка и дека не се никаков диктат туку се дел од обврските кои се наведени во преговарачката рамка,  која беше усвоена без ниту еден глас против од страна на пратениците лани во јули.

Според Ковачевски, Европската Унија ги завршила своите обврски како дел од преговарачката рамка во која се обврза да се одржи прва меѓувладина конференција на која ќе биде отворен скрининг процесот, дека ќе биде потпишан договорот Фронтекст на чист македонски јазик, без никакви додавки, фусноти, и дека македонскиот јазик ќе биде дел од јазиците на Европската Унија, дека македонскиот идентитет и култура, исто така, ќе бидат дел од мозаикот на културата на ЕУ.

-Она што ние треба да го направиме е, прво, успешно завршување на скрининг-процесот и второ, уставни амандмани со цел вклучување на други делови од народи во Преамбулата на нашиот Устав каде што веќе има други делови од народи вклучено – овде се работи за делови од бугарскиот народ, црногорскиот, хрватскиот и други. За таа цел беше формирана работна група во рамките на Министерството за правда, која го изготви својот предлог, го достави до Владата, и Владата, откако ќе го разгледа, на една од наредните седници, но не подоцна од крајот на овој месец, ќе ги достави до Собранието, рече Ковачевски.

Уставните измени се глас за Европа и продолжување на европската интеграција на државата. Ние за првпат имаме ситуација во која ветото не доаѓа од надвор туку доаѓа од внатре, од опозицијата. Секој има право, вие се повикавте на изјавата на лидерот на опозицијата – секој има право да се изолира сам себеси, па дури и да изолира дел од својата политичка партија, меѓутоа нема право да ја изолира државата, бидејќи наместо интеграција, постои изолација, рече Ковачевски.

Аргументите дека ќе сме го изгубеле идетитетот, културата, дека Парламентот немал мандат да носи одлука, дека Владата немала мандат да носи одлука, сето тоа беше демантирано од самиот претседател на опозицијата, истакна премиерот.

-Тој имаше одредени услови и сите негови услови беа прифатени, потоа под притисок, внатрешен можеби, тој ретерираше во своите ставови, меѓутоа сметам дека треба да се отвори дискусија бидејќи ова е исклучително важна одлука за државата, а за резултатот од таквата одлука и зачленување во ЕУ можеме да посведочиме сите коишто сме денес тука, каде … Македонија, држава со 1,85 милиони жители, седи на иста маса, со исто право на одлучување како САД, Германија и сите 31 земја на НАТО, а наскоро ќе бидат и 32 , рече Ковачевски.