„ЦАР САМОИЛ СЕ СМЕТАЛ ЗА НАСЛЕДНИК НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ; CAMOИЛOBОТО ЦАРСТВО Е МАКЕДОНСКО“ – 1920 г.
Српскиот историчар Василије Марковиќ во своја книга од 1920 година ја нарекува средновековната држава со седиште во Преспа – „Самоилово македонско царство“, а за нејзиниот владетел, Цар Самоил, наведува дека се нарекувал наследник на Александар Македонски.
– „Самоил сам себе се нарекувал ‘наследник на Александар Beлики и на Пир’“, пишува авторот.
Марковиќ прави преглед на средновековните извори и на тогашните водечки современи историчари (како Леон Шемберже, Алфред Рамбо, и дp.) во дискусија за развојот на Христијанството на Балканот и во Македонија. Авторот укажува и дека Македонија двапати играла сериозна и активна улога во средновековието, од коишто една е воспоставувањето и суштествувањето на Македонската Склавинија на Цар Самоил.
Марковиќ пишува и дека според средновековните извори како записите на Презвитер Козма, Самоиловата верска политика била неодредена и се колебала меѓу источното Православие, католички Рим и Богомилството, со оглед на големото влијание на Богомилите во државните работи пред 1000 години.
Покрај тоа, на развојот на монаштвото не можело да му одговара ни тоа што владеењето на Самоиловата династија речиси цело време е исполнето со една огорчена војна за опстојување на државата, пишува историчарот. Тој вели:
– „Но спрема други индикации, Самоиловото владеење, коешто претставува вистинско херојско доба на Македонија, не било неповолно за развивање на монаштвото. Сѐ до денес, зачувани се остатоците на една силна црковна култура којашто цветала на бреговите на Преспанското Езеро, каде што било седиштето на Самоиловата Држава.“
Марковиќ наведува дека покрај добро зачуваниот манастир Св. Богородица, постојат остатоци од 11 цркви и манастири во околината.
– „Освен на Света Гора, никаде на Балканскиот Полуостров нема толку остатоци од цркви и манастири. Во побожната Преспа, Ахил бил свет остров. Во околните села постои традиција дека црквите и останатите градби биле ѕидани кога тука имало кралско владение. Мнозинството од градбите и нивните остатоци се од времето на Самоиловото македонско царство, чијашто престолнина била овде.“
ЛИТЕРАТУРА: Василије Марковић, „Православно монаштво и манастири у средњевековној Србији,“ Сремски Карловци, 1920, стр. 9.
ЗАБЕЛЕШКА: Василије Марковиќ (1882-1920) докторирал историја на Великата школа во Белград во 1909 година. Учителствувал во српскиот главен град сѐ до својата смрт во 1920 г. За време на неговиот релативно краток живот, вршел истражувања од областа на средновековната црковната историја. Познат е по неговиот семинарски труд „Односот на Дубровчаните спрема Србија во периодот 1358-1362 година“. —/