Бројот на баратели за азил во Европа е во пораст, а најголем број барања се поднесени во Германија, објавија денеска германските медиуми.

„Во мај оваа година во земјите на Европската унија и Норвешка се поднесени 87.000 барања за азил, што е зголемување за 16 отсто во однос на април“, пишуваат германските медиуми, повикувајќи се на податоците на Европската агенција за азил (ЕУАА).

Најголем број барања, 27 отсто, се поднесени во Германија. По Германија следат Шпанија со 20 и Франција и Италија со 15, односно 13 отсто. Најголем број баратели на азил доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак, а во најголем број случаи, над 50 отсто, поднесуваат барање за азил во Германија. Во Шпанија, барањата на апликантите од земјите од Латинска Америка како Колумбија, Венецуела и Перу се водечки.

Франција бележи нагло зголемување на барателите на азил од Брегот на Слоновата Коска. Германската опозиција ја обвини владата дека не прави доволно за да го намали притисокот од миграцијата во Германија.

„Европа е во тешка мигрантска криза со месеци и нема знаци дека оваа криза може да се намали, а Германија е најтешко погодена од оваа криза“, изјави за весникот Тагесшпигел, Александар Тром, портпарол за внатрешна политика на парламентарната група на Демохристијаните.

Тој ја обвини министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (Социјалдемократската партија на Германија, СПД) дека е неефикасна во намалувањето на бројот на баратели на азил. „Министерката мора да престане со нејзината миграциска политика „laissez-faire“ и да ја сфати сериозноста на ситуацијата“, рече Тром. Тој рече дека заштитата на германските граници одамна требало да стане приоритет.

„Само оваа година над 160.000 луѓе поднеле барање за азил во Германија“, рече Тром. Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер е една од иницијаторите на идејата во иднина барањето за азил да се решава на надворешните граници на Европската унија. Договор во рамките на ЕУ за нов пристап кон бегалците се уште не е постигнат.

Аналитичарите го поврзуваат ненадејниот пораст на популарноста на десничарската популистичка AfD со зголемениот прилив на бегалци од надвор од Европа кои доаѓаат во Германија.