Уште 10 медицински работници се под здравствен надзор поради контакт со 27 годишната жена која почина од конго кримска хеморагична треска по убод од заразен крлеж. Поради опасноста дека болеста може да се пренесе преку контакт со крв, досега 29 лица имаат решенија во следните 14 дена да внимаваат на својата состојба и по можност да седат дома, известува ТВ Сител.

– Вработени во клиничката болница во Штип, здравствени работници од Итна помош од Здравствен Дом Штип, медицински лица од Клиниката за Инфективни болести и од Гинекологија и членови од најблиското семејство кои биле во контакт со починатата…следните 14 дена ќе бидат под континуиран здравствен надзор и доколку имаат некои симптоми да побараат лекарска помош, вели д-р Рената Младеновска директор на ДСЗИ.

И сопругот на починатата жена имал убод од крлеж, но тој не пројавил никакви симптоми и е негативен на вирусот. Жената од штипско Кучица иако набрзо го отстранила крлежот во домашни услови, вирусот веќе навлегол во телото и за неколку дена во многу тешка состојба од Штип била транспортирана на Инфективна клиника каде и настапила смртта.

– Нарушување на хемостазата. Има проблеми со крварењата и покрај сите наши напори да се даде супорција на овој систем, за жал завршува без успех, вели д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиника за инфективни болести.

Конго – кримска хеморагична треска е смртоносна кај над 40 проценти од случаите, а освен од крлежите, вниманието е свртено и кај други опасни вируси што ги пренесуваат инсектите. Во земјата пред неколку недели е регистриран и прв случај на Денга – инфекција што ја пренесуваат комарци. Случајот е импортиран и е кај жена која била на Малдиви и која неколку дена била пациент на Инфективна. На Клиниката престојувала и пациентка со западнонилска треска која била касната од комарец при престој во Будва.

– Не секој комарец, крлеж и други инсекти можат да пренесат болест и не секоја болест завршува фатално. Но за овие вируси и инфекција нема лек само симптоматска терапија, вели д-р Стевановиќ.

Балканот е ендемско подрачје за конго кримска хеморагична треска и во земјата пред 40 години имало епидемија со 13 случаи од кои двајца починале.