Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека меѓу Србија и Македонија нема отворени прашања и дека има братски односи меѓу двата народа.

По средбата со претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, во манастирот Прохор Пчињски, Вучиќ рече дека Србија не бара ништо од таа земја освен натамошен развој на соработката.

„Односите меѓу нашите две земји се исклучителни. Ние од Србија ја сакаме … Македонија и македонскиот јазик и многу добро го разбираме. Немам проблем да кажам дека не сме само пријатели, туку дека имаме братски односи како народи“, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со Пендаровски.

Тој изјави дека трговската размена меѓу двете земји достигнува 1,5 милијарди евра годишно.

„Верувам дека нашата соработка ќе продолжи да се развива. Работиме на подобрување на животниот стандард на нашите граѓани, разговаравме за понатамошна интеграција преку нашите железници“, рече претседателот на Србија.

Вучиќ им се заблагодари на Српската православна црква (СПЦ) и на патријархот Порфириј за, како што рече, историските одлуки во корист и благосостојбата на двата народа и во однос на статусот на Македонската православна црква.

„Секогаш сте добредојдени каде било на територијата на Србија, бидејќи се чувствуваме како дома кога ќе ве посетиме“, рече Вучиќ и им го честиташе националниот празник Илинден на граѓаните на Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски, рече дека му е драго што може да го прослави најголемиот национален празник на местото каде што е формирана Македонија и дека се надева дека ниту едно политичко или верско прашање нема да ја прекине оваа добра традиција.

-Му благодарам на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој со свои лични заложби овозможи Македонија да го прослави Денот на државноста каде што на 2 август 1944 година се формира современата држава во манастирот Прохор Пчињски“, рече тој.

Пендаровски денеска со Вучиќ беше во обиколка на манастирот Прохор Пчињски каде на 2 август 1944 година се одржа првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија (АСНОМ).