Германец (55) е уапсен под сомнение дека 12 години ја држел заробена сопругата (53) во нивниот дом во Франција. Неговата сопруга, исто така Германка, била пронајдена полугола и со избричена глава во спалната соба во станот, изјави за „АФП“ извор од француската полиција.
Двојката живеела во Форбах, во близина на границата со Германија. Германецот е осомничен за киднапирање, силување и тортура. Инспекторите веруваат дека жената дошла до телефонот и ја повикала германската полиција, која ги предупредила нивните француски колеги, изјави извор на „АФП“.
Локалниот обвинител Оливие Гледи изјави дека жената е во лоша здравствена состојба. Тој додаде дека во станот имало околу 10 мачки. Обвинителот изјавил дека човекот бил невработен, а претходно работел во Германија, пишува „Би-би-си“.
Осомничениот, кој се соочува со обвиненија за тешко силување и тортура, е во притвор во источниот француски град Мец, објави телевизијата BFMTV.
Германскиот весник „Билд“ ги интервјуираше соседите на парот. Тие рекоа дека мажот им рекол дека неговата сопруга има рак и дека „вреска од болка поради нејзината болест“.
Сосетка за „АФП“ изјави дека жената не излегла од куќата. Иако ги слушнала врисоците, мислела дека се предизвикани од болест.
„Беше многу љубезен и фин“, прокоментира сосед на осомничениот Германец.
„Последен пат ја видов жената пред можеби 10 години. Мислев дека умрела или се оддалечила“, вели жена која живее на истата улица со осомничениот.
Француските медиуми објавија дека полицијата пронашла дневник во станот во кој мажот водел евиденција за своите постапки, вклучително и кога и’ давал храна на својата сопруга.