Вработените во Медиумската Информативна Агенција – МИА, организирани од репрезентативниот синдикат на Агенцијата СМИА и ССНМ очекуваат премиерот Димитар Ковачевски да го одржи ветувањето кое го даде во интервјуто за МИА дека на наредна седница на Влада ќе го усвои предлогот за зголемување на платите на вработените во државната новинска Агенција. До тогаш протестот се става во мирување.

Доколку не биде исполнето ветувањето на премиерот до наредната седница, вработените преку синдикатот ќе ја отпочнат постапката за штрајк, а тоа значи блокада на работата, односно МИА нема да продуцира вести. Штрајкот ќе се одржува пред Владата според однапред предвидена динамика.

На состанок со вработените, менаџментот на МИА информираше дека точката за зголемување на платите на седницата на Влада на 1 август 2023 година е тргната од дневен ред со образложение дека МИА треба да го усогласи финансискиот план со Министерството за финансии и да достави нова одлука со барање за покачување на бодот. Ова според менаџментот веќе било направено.

Потсетуваме дека МИА бара одобрување за покачување на платите за кои има сопствени средства од предвидениот буџет и од остварена добивка која секоја година е се поголема од претходната. Поради фактот дека новинарите во МИА не ги опфати ниту едно покачување во минатите години, нема да го прифатиме процентот на веќе понуденото зголемување на платите како во јавниот сектор.