Градоначалничката на градот Тампа на Флорида Џејн Кастор и нејзиното семејство ловеле јастози и риби недалеку од брегот кога извлекла неочекуван улов: пакет со големина на микробранова печка со 70 килограми кокаин во вредност од 1,1 милион долари.

Семејството испловило кон пристаништето кога братот на Џејн го забележал необичниот пакет.

Пристапиле надевајќи се на добар улов затоа што искусните риболовци знаат дека помалите риби се собираат под слични предмети што лебдат во морето бидејќи им создаваат сенка. „Колку се приближувавме, ми стана јасно дека се работи за бала кокаин“, им рекла градоначалничката на новинарите.

Џејн Кастор осум години работела како службеничка во одделот за наркотици на полициската управа во Тампа, а шест години како началничка на одделот, па веднаш знаела за што станува збор. Пакетот бил завиткан во истрошена пластика. Внатре имало дваесетина цврсто завиткани тули, украсени со сини и виолетови пеперутки.

Откако ја однела балата на нејзиниот брод, таа го пријавила уловот во канцеларијата на шерифот на округот Монро. Агентите на американската гранична патрола набрзо пристигнале да ја преземат пратката. Потврдиле дека се работи за кокаин и го процениле на 1,1 милион долари.