Одговорност за виновниците кои ги амнестираат одговорните за пожарот во модуларната болница во Тетово, побара на 15 август поранешниот министер за здравство Беким Сали по емитувањето на документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Документарецот насловен „Убиство во Тетово“, емитуван на 13- ти август на националната телевизија МТВ, се повикува на документи и сведоштва од истрагата и трага по одговорите за пропустите во изградбата на модуларната болница и дали постои обид да се сокријат одговорните за трагедијата?
Сали прашува чија е вистинската иницијатива да се амнестира фирмата „Брако“ на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев со продолжувањето на исплатата, не почитувајќи ја препораката од ревизијата која што покажала сериозни пропусти.
„Дали ова било барање на Ковачевски, добра можност за Фатмир Меџити или наредба на Артан Груби?“, изјави тој на денешната прес-конференција посветена на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Тој ја потврди информацијата за процедурата спомената во документраната емисија „Убиство во Тетово“ каде што се објаснува за прекинот на исплата и раскинување на договорот со „Брако“ по направената ревизија од Министерството.
Сали посочи дека и покрај препораките на внатрешната ревизија, неговиот наследник Меџити преку Владата, иницирал исплата на долгот кон оваа компанија.
„Која е обврската што оваа власт ја има кон Кочо Анѓушев и зошто власта дозволува да гази над лешовите од пожарот на 8 септември 2021 година само за да има корист уште неколку милиони евра? А што друго треба да се случи за Ковачевски и Фатмир Меџити да поднесат оставки и да се извинат за сите овие штети што им ги нанесуваат на граѓаните“, посочи Сали.
Тој побара одговорност и од шефот на Обвинителството Љубомир Јовевски, кој, како што вели, наместо да му се обрати на виновникот и да бара виновници меѓу оние што ги изградија тие модуларни болници, поднел тужба за споредна одговорност, игнорирајќи ја основната одговорност на фирмата изведувач, на нарачателите и поддржувачите на оваа компанија.