Две третини од анкетираните жители би се отселиле од Општина Неготино, покажува истражување на неготинското Здружение на граѓани „Ековита”, изјави за МИА Кристина Тодорова, млада активистка од ова здружение, координатор на проектот, во рамките на кој била направена анкетата.
Незадоволните, навеле неколку причини поради кои сакаат да се иселат – лоша економска и општествена ситуација, финансиски причини, партизираност на институциите. Мажите, најмногу поради партизираноста, а жените, заради лоша економска состојба. Младите, заради поголеми плати и финансиска стабилност.
– Согласно резултатите, 73 анкетирани лица се изјаснија дека жените и девојчињата не се дискриминирани, иако процентуално помалку им се дава право на поседување на имот и на свој начин одговорија, како да се надмине традиционалната дискриминација, додека спротивното го мислат 36 испитаници. Интересно, меѓу предлозите како да се надмине ваквата дискриминација, е и предлогот, со поголема едуцираност, до поголема родова еднаквост, информираше Тодорова.
Анкетирањето било во Неготино и неготинско. Развој на стопанските дејности во општината за отворање на нови работни места, соодветно образование и планови, програми за вработување на младите, се најчестите одговори на прашањето, што е потребно за да се зголемат можностите за вработување на младите во градот и околината.
-Повеќе можности за вработување, подобра животна средина, повеќе паркови и зелени површини, подобар пристап до јавните институции и подобра инфраструктура. Овие одговори најчесто ги одбраа испитаниците, запрашани што треба да се подобри во општината. А на прашањето што би било потребно да се промени во заедницата од страна на локалните власти, за да не се иселуваат младите, испитанците најмногу посочија, финансиска стабилност, повеќе работни места и почиста и средена заедница, соопшти Тодорова.
Таа нагласи дека на прашањето што е потребно да се преземе за да се подобри положбата на населението и да нема иселувања, особено кај младите, испитаниците навеле вработување, советувалиште за млади, инвестиции, подобар животен стандард, повеќе работни места, финансиска стабилност, поголеми лични примања, субвенционирање, подобри услови за живот и рекреација, почиста животна средина, дуално образование, нови инвестици, вработувања спрема образованието, а не преку партиски врски.
Истовремено, од „Ековита” направиле и анкета со иселеници, кои претходно заминале од општината Неготино во странство. На прашањето зошто ја напуштиле државата, Тодорова рече дека тие одговориле, заради непостоење на услови за личен развој и напредок, лоши услови за живот и поради финансиски причини.
– За да има помалку иселувања, тие сметаат дека овде младите треба да имаат поголема институционална поддршка, спроведување закони посебно околу мирот, редот и животната средина, подобро образование, повеќе културни настани, да се создава здрава и образована младина, со бесплатно членство во спортски клубови, бесплатни јазични курсеви. Повеќето од испитаниците се изјаснија дека не планираат да се вратат во Македонија. Како услови за да се вратат во Македонија, наведени се, зголемување на животниот стандард, подобрување на животна средина и подобрување на квалитетот на јавните услуги, сподели Тодорова.
Анкетата била направена во склоп на проектот „Рамноправни и задоволни граѓани”, што го спроведуваше „Ековита”, во рамките на програмата за потгрантирање на проектот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост”, имплементиран од Центар за истражување и креирање политики, Рурална Коалиција, Новинари за човекови права, Ромска асоцијација за жени и млади „Лулуди“ и Едукативно хуманитарна организација „ЕХО“-Штип, со финансиска поддршка од Европската Унија.