Во кризно време компаниите не треба да се причина за кризата да биде уште поголема. Ако храната е зголемена за 11 насто во Европската унија, по берзанските цени, овде зголемувањето е за 46 проценти. Тоа не е етички, вели вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој токму поради ценовниот раст и сомневањата во здружено креирање на цените, вчера поднесе преставка до Комисјата за заштита на конкуренцијата.
„Повикот вчера беше јасен. Разговарав со Комисијата да покренат иницијативи во неколку сектори. За да видат дали евентуално може да докажеме дека има договарање. Мора да се зајакнат инспекцските сужби со нови професионално вработени луѓе, кои ќе бидат цело време на терен и ќе ги гледаат ваквите однесувања“, изјави Битиќи.
Последниве месеци граѓаните речиси секојдневно се соочуваат со ценовни промени. Најголемите удари ги чувствуваат преку поскапувањето на лебот, сирењето, месото, овошјето и зеленчукот. Реагираат дека најосновната намирница, лебот, кој со владините мерки додека беа на сила, чинеше 33 денари, сега се продава 45-46 денари.
Статистиките покажуваат дека за една година прехранбените артикли поскапеле, во просек, за над десет насто, овошјето за 21, а зеленчукот за 25 проценти.
Сега, со претставката од вицепремиерот, борбата против високите цените влезе во институционална фаза. Комисијата за заштита на конкуренцијата треба да детектира дали еснафот со заеднички сили ги билда цените. Допрва треба да се види дали ќе успее и кога да ги разоткрие трговците и компаниите кои профитираат за сметка на граѓаните.
Од друга страна, пак, „ковачите“ на цените – производителите и трговците за растот ги обвинуваат претходните замрзнувања кои произлегуваа од владините мерки. Односно, дека се принудени сега да прават порамнивања, бидејќи во меѓувреме суровините, енергентите, материјалите… поскапувале. Што е дел од слободните пазарни движења. Со ова, велат, се потврдува безидејноста на властите да се справат со инфлацијата.
Стапката на инфлација минимално, но сепак, паѓа. Наспроти тоа, цените растат. Па, на граѓаните им се потребни речиси 50 илјади денари за покривање на месечните потреби. А, само 20 илјади денари за храна.
Додека македонските граѓани го чекаат ноември, цените во Србија од денес се намалени за 20 основни производи за исхрана, хигиена и хемикалии за домаќинството – млеко, јогурт, сирење, јаболка, компири, тестенини, пилешко месо, салама, безалкохолно пиво, сокови… означени со – „подобра цена“. Акцијата ќе трае до крајот на годината. И во Хрватска се работи на случајот – ќе се замрзнат и вратат на претходното ниво цените на 1.600 производи кои драстично поскапеле.