Пред Влада на Република Македонија се одржа протестот за случајот со Клиниката за онкологија и против измените во КЗ. Со барање „Правда за жртвите“, се очекува протестот да продолжи пред зградата на Основното јавно обвинителство во Скопје.

Организаторите најавија дека ќе ги интензивираат протестите и повторија дека се бара судска разрешница за сите инволвирани во „скандалот со Клиниката на онкологија“, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.

– Нема да има социјална правда дур не се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата. Правда за жрвите мора да има!, е пораката упатена од протестот.

Нагласуваат дека донесените измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку, како што истакнуваат, ние тоа не го дозволиме.

-Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела и поради тие причини протестите ќе ги интензивираме. Нашите барања и ултиматум од овој протест, се истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија, обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола, наведуваат организаторите.

Пред Владата на Република Македонија денеска на протест излегоа и студенти од државава кои се против донесените измени на Кривичниот законик, со кој се предвидуваат помали затворски казни за функционери. Како студенти кои се запишале на правните факултети во Македонија, нагласуваат, не можеме да останеме рамнодушни на постојаната тенденција и постапки кои водат до целосно упропастување на правниот систем.

– Бараме да се врати правото, да се почитува како што треба и да има правда, изјави студентот, Лазар Симонов.

Студентите бараат да се анулираат измените на Кривичниот законик кои беа донесени неодамна. Бараат, како што велат, правдата да ги стигне сите оние кои придонеле за огромната недоверба во правниот систем.

Според нив, на Македонија ѝ е потребна нова генерација правници.

– Чашата ја прелија новите брзи, нетранспарентни измени на Кривичниот законик. Затоа не можеме да бидеме тивки како студенти кои решиле да останат во Македонија и да се борат за правда во оваа држава, порачаа тие во најавата за протестот.

Бараат одговорност и порачуваат да не се злоупотребува европското знаменце.

– Доста е од злоупотреба на европското знаме, затоа бараме и сметаме дека е нужно некој конечно да одговара за ваквите фалсификувања. Доста е од користење и урнисување на правото и законите за лични, политички интереси! Бараме правдата да ги стигне сите оние кои допринеле до огромната недоверба во правниот систем, стои во најавата за протестот.