Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска предупреди дека зависноста на човештвото од фосилни горива ги „отворила портите на пеколот“.
Зборувајќи за „страшните горештини“ и „историските пожари“ оваа година, поттикнати од емисиите на стакленички гасови, тој нагласи дека не е доцна „да се ограничи зголемувањето на глобалната температура за 1,5 степени Целзиусови“.
„Иднината не е напишана: зависи од вас, лидерите, да ја напишете“, рече тој. „Сè уште можеме да изградиме свет со чист воздух, зелени работни места и чиста и достапна енергија за сите“, рече тој.
Светските лидери на самитот во Њујорк треба да ги објават активностите што ќе ги преземат за да ги исполнат своите обврски од Парискиот климатски договор од 2015 година.
Двајца од најголемите светски загадувачи на атмосферата – САД и Кина – не учествуваат на самитот. Американскиот претседател Џо Бајден се уште е во Њујорк, по повод Генералното собрание на ОН, а кинескиот претседател не пристигна на таа седница. Велика Британија не е ни на листата на говорници. Британскиот премиер Риши Сунак вчера изјави дека може да се откаже од постигнувањето јаглеродна неутралност до 2050 година.
Европската унија, од друга страна, е поканета да ги претстави своите климатски политики, како и Бразил, Канада и Јужноафриканската Република.
Ќе зборува и Франција, чиј претседател Емануел Макрон сè уште не е во Њујорк, како и многу земји кои се најмногу изложени на последиците од глобалното затоплување, како Барбадос, Самоа и Тувалу. Генералниот секретар ги покани и гувернерот на Калифорнија и градоначалникот на Лондон.
Самитот е најважниот климатски собир во САД од 2019 година, кога шведската активистка Грета Тунберг ги праша светските лидери: „Како се осмелувате?
Неуспехот на богатите земји да ги исполнат своите ветувања да им помогнат на земјите во развој е особено чувствително прашање во меѓународните преговори за климата. Тоа прашање несомнено ќе се најде на дневен ред на состанокот COP28 за неколку недели.